ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимавајте, некои таксисти наплаќаат како ќе им текне!

Внимавајте, некои таксисти наплаќаат како ќе им текне!

Некои скопски таксисти без голема врева воведоа повисоки цени, и тоа на своја рака – без согласност од надлежните институции и без промени на официјалните тарифи.

Граѓаните се жалат дека кога ќе влезат во возило, бројачот покажува повисоки почетни цени или неочекувано прескапа километража.

И најчесто, човек останува збунет – да се караш или да платиш и да си продолжиш патот?

„Вчера за релација што редовно ја плаќам околу 150 денари, таксистот ми побара 220 денари. На прашањето зошто, ми одговори дека сега сите возат со нови тарифи. Не видов никаде ознака за тоа“, раскажува Љубиша, скопјанец што секојдневно користи такси превоз.

Според правилникот на Град Скопје, цените на такси превозот се јасно утврдени и секоја промена мора да помине низ институциите.

Сепак, дел од возачите, очигледно, решиле да го игнорираат тоа. Од инспекциските служби велат дека добиваат сè повеќе пријави од граѓани и најавуваат засилени контроли.

„Ќе има казни за оние кои возат по непостоечки тарифи. Ценовникот мора да биде истакнат во возилото и бројачот да работи согласно правилата“, брифираат од Инспекторатот.

Такси здруженијата официјално не признаваат ваква практика, но во неформален разговор дел од возачите признаваат дека со оглед на поскапувањето на горивата и општите трошоци, морале да си ја зголемат цената.

„Секој ден плаќаме повеќе за одржување, за делови, за гориво. Ако останеме на старите тарифи, ќе возиме за џабе“, вели еден од таксистите кој инсистираше да остане анонимен.

Во меѓувреме, патниците се чувствуваат изиграни и несигурни.

„Како да знам во кое такси сум се качил? Едни возат по стара цена, други по нова. А кога си во брзање, немаш избор“, реагира студентка од Карпош.

Јавноста очекува институциите да ја расчистат оваа „сива зона“, бидејќи, како што велат граѓаните, станува збор за јавна услуга без која Скопје не може да функционира.

Сè додека правилата не бидат еднакво почитувани, патниците ќе плаќаат колку што некој решил – во моментот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП