Цените на нафтата Брент денес се искачија на околу 66 долари за барел, а американската сурова нафта од Западен Тексас Интермедијар (WTI) скокна на 63 долари за барел, надополнувајќи ги добивките од претходната сесија.
Главната причина за порастот беше тоа што поголемиот од очекуваниот неделен пад на залихите на сурова нафта и гориво во САД сигнализираше стабилна побарувачка, објави „Трејдинг економикс“.
Најновите податоци од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) покажаа дека залихите на сурова нафта се намалија за шест милиони барели, на 420,7 милиони барели, минатата недела, многу повеќе од очекуваниот пад од 1,3 милиони барели.
Залихите на бензин се намалија за 2,7 милиони барели, во споредба со прогнозите за пад од 915.000 барели.
Во меѓувреме, инвеститорите внимателно ја следат ситуацијата во преговорите за завршување на војната меѓу Русија и Украина, бидејќи секој напредок би можел да влијае на санкциите врз извозот на руска сурова нафта и да ја преобликува глобалната динамика на понудата.
Русија во средата изјави дека обидите за решавање на безбедносните прашања поврзани со Украина без вклучување на Москва „не водат никаде“, бидејќи Западот се бори да создаде гаранции за идната заштита на Киев.
Москва, исто така, повтори дека ќе продолжи да испорачува сурова нафта на заинтересираните купувачи и покрај предупредувањата од Вашингтон.



