Секое лето има своја приказна, ама за голем број македонски туристи последниве години приказната завршува со – Турција.
Причината е едноставна: „ол инклузив“ аранжмани, хотел на плажа, храна и пијалак во изобилство, и она најважното – нема вадење паричник на секој чекор.
„Буквално човек си планира буџет однапред и таму веќе нема трошоци, освен ако сам не посака нешто повеќе. Тоа е голема предност за нашите патници“, вели менаџер на една скопска туристичка агенција.
Цени и понуда
Од агенциите потврдуваат дека аранжманите за Турција годинава се распродадени со недели однапред.
За хотел со четири ѕвезди цената почнува од околу 500 евра по лице за шест ноќевања. Доколку се избере хотел со повеќе луксуз и пет ѕвезди, сумата расте на 700–800 евра, а некаде и до 1.000 евра.
„Тоа што порано изгледаше како луксуз, сега многумина си го дозволуваат, бидејќи однапред знаат дека таму нема дополнителни сметки. Особено семејствата, тие најмногу го ценат тоа“, објаснуваат од друга агенција.
Египет, Тунис, Малдиви
Не заостануваат ни Египет и Тунис. Во Хургада или пак на бреговите на Тунис, шест ноќевања чинат околу 500–600 евра по лице.
Ако се патува во пар, цената за двајца лесно стигнува и до 1.200 евра.
Малдивите, пак, остануваат сон, но и таму има групи од Македонија што заминуваат – главно оние што сакаат егзотика и подготвени се за повисоки трошоци.
„Факторот цена е пресуден, но не само тоа. Македонците се чувствуваат удобно во Турција. Сличен менталитет, блиска култура, храна која ни е блиска, а плус и гостопримството е на завидно ниво. Затоа Турција е број еден избор за просечен македонски турист“, вели туристичкиот работник кој веќе две децении организира чартер-летови до Анталија.
И навистина, за многумина одлуката е едноставна. Помалку нервози околу буџет, повеќе време за одмор.
Паричникот останува во соба, а туристот на лежалка. Тоа е формулата.
Б.З.М.



