ПочетнаЕКОНОМИЈА„Работам 3 работи и пак немам пари за летување“

„Работам 3 работи и пак немам пари за летување“

„Станувам во 5 сабајле, трчам на првата работа, од таму директно на втората, а вечерите ги поминувам на дополнителни хонорарни ангажмани. И на крај? Пак сметките ме стискаат, пак немам за одмор“.

Ова е гласот на еден од многуте македонски работници – луѓе кои со години живеат во постојана трка со времето, но без да го почувствуваат вкусот на награда за својот труд.

Работа има, но парите се топат

Во последната деценија, многу граѓани се приморани да држат по две или три работни места.

Некои официјално вработени, а други преку хонорари, привремени договори или работа „на црно“.

Но, и покрај сето тоа, просечното семејство едвај врзува крај со крај.

Економскиот аналитичар Ведран Кузмановски за Денар вели:

„Имаме ситуација каде што луѓето работат повеќе од било кога, а реално живеат полошо. Инфлацијата и високите трошоци за живот ја јадат секоја дополнителна плата. Одморите стануваат луксуз за избрани, а не за мнозинство“.

Лицата зад бројките

Кога ќе прашате просечен 30-годишник зошто не оди на летување, одговорите се речиси идентични: кредити, кирија, сметки, градинка за дете.

Една млада мајка од Скопје ни вели:

„Не е дека не сакам да одам со семејството на море. Но ако одам, цела година ќе ја враќам таа недела. Па подобро да седам дома и да гледам фотографии на социјални мрежи“.

Тука не станува збор за мрзеливост или за недисциплина, туку за новата реалност – работиш до исцрпеност, а сепак остануваш без елементарна финансиска сигурност.

Психолошки товар

Трите работни места не значат само физичка замореност. Психолозите предупредуваат на хроничен стрес, нарушен сон, па дури и депресија.

„Луѓето се чувствуваат заробени во циклус каде што трудот не носи подобар живот. Тоа создава чувство на бесцелност и горчина“, вели психологот Сања Љубеновиќ.

Македонскиот работник е исправен пред парадокс – колку повеќе работи, толку повеќе ја чувствува немоќта. Решението, според експертите, не е во индивидуалната жртва, туку во системски промени: повисоки плати, контрола врз цените и политики што ќе овозможат работата да се исплати.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП