ПочетнаЕКОНОМИЈАКириите ќе експлодираат – поскапувањето на становите ќе удри и по потстанарите

Кириите ќе експлодираат – поскапувањето на становите ќе удри и по потстанарите

Цените на становите не запираат, а со најавеното зголемување на данокот на додадена вредност од сегашните 5 на 18 проценти, експертите предупредуваат дека ударот нема да биде само врз купувачите.

Најголем дел од товарот, велат, ќе падне врз потстанарите – луѓето кои и онака едвај склопуваат крај со крај.

Станот – недостижен сон

Според податоците, квадратот во Скопје одамна ја проби магичната граница од 2.000 евра, а во општини како Центар и Карпош достигнува и над 2.100 евра.

Со тоа што на оваа цена ќе се додаде и полн данок од 18%, станот за многу семејства станува далечен, скоро недостижен сон.

Но, паралелно со тоа, на пазарот ќе се прелеат нови ефекти – издавачите на станови ќе ги зголемат кириите.

„Ако градежникот го продава станот поскапо, инвеститорот автоматски ја зголемува пресметката за поврат на вложените пари. А кој го плаќа тоа? Потстанарите. Киријата ќе расте затоа што сопствениците сакаат побрзо да си ја вратат инвестицијата“, објаснуваат економистите.

Удар по младите и студентите

Особено погодени ќе бидат студентите и младите брачни парови. Во последните години, голем дел од нив се решаваат на потстанарски живот во очекување на подобра можност да купат сопствено катче.

Но ако кириите скокнат – изборот ќе биде помеѓу прескап стан на кредит или уште поскапо изнајмување.

„Со момчето веќе две години бараме стан по нормална цена. Сега плаќаме 300 евра во Аеродром за 50 квадрати. Ако се зголеми ДДВ-то, сопственикот веќе ни најави дека ќе ја качи киријата. Не знам дали ќе можеме да издржиме“, вели 28-годишната Јована од Скопје.

Градежниците – против повисокиот данок

Од Градежната комора предупредуваат дека ваквиот потег ќе има и пошироки економски последици.

„Не е во интерес ниту на граѓаните, ниту на градежниците стапката да се качи на 18%. Со тоа директно се ограничува купувачката моќ, а индиректно се зголемува и притисокот на пазарот за издавање станови. Ако државата сака да стимулира младите да останат овде, ова не е патот“, брифираат оттаму.

Во Министерството за финансии велат дека анализите се во тек.

„Согласно законската регулатива, првиот промет на станови сега се оданочува со 5%. Доколку се оцени дека има потреба, ќе бидат предложени мерки до Владата“, коментираат од институцијата.

Сивата економија и „кеш“ плаќањата

Дополнителен проблем е тоа што половина од становите во земјава се купуваат во готово.

Гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, неодамна потсети дека ова отвора сериозни сомнежи – од каде доаѓаат тие пари?

„Дали се заштеди, дали се приливи што не се пријавуваат… тоа треба да го проверат други институции“, рече тој.

Но едно е јасно – секое поскапување само ќе ја зголеми нееднаквоста меѓу тие што имаат кеш и оние што мораат да се задолжат.

На крајот на краиштата, најпогодени остануваат оние кои немаат друг избор освен да живеат под кирија.

„Кога државата прави промени, секогаш ние го плаќаме цехот. Сопствениците ќе си ја надоместат загубата со тоа што ќе ја качат киријата, а ние ќе мораме да се снаоѓаме,“ вели Илија, 35-годишен потстанар од Скопје.

И така – кругот се затвора. Повисока цена на стан значи повисока кирија. А повисока кирија – значи уште еден товар врз луѓето кои и онака живеат од месец за месец. Прашањето е: колку долго ќе издржат?

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП