ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку стрес носи една рата за нов автомобил?

Колку стрес носи една рата за нов автомобил?

„Си реков – ајде, заслужив. Ќе земам нов автомобил, ратата не е толку страшна…“ – вака ја почнува својата приказна Игор, 34-годишен скопјанец кој пред две години купил семејно возило на лизинг.

„Првата година – супер. Сè на време. Ама после, цените скокнаа, трошоците се удвоија, а ратата си стои – камен на врат. Секој месец истата мака“.

Финансиските експерти често предупредуваат дека автомобилот не е инвестиција, туку трошок што со тек на време само расте.

Покрај ратата, доаѓаат регистрација, сервис, осигурување, гориво.

„Луѓето најчесто ја гледаат месечната сума и мислат дека тоа е тоа. Но реалната цена на автомобилот е двојно, па и тројно повисока“, вели економистот Ведран Кузмановски за нашиот медиум. „И токму тој психолошки притисок – знаењето дека секој месец мора да одвоиш фиксна сума – е најголемиот товар“.

Ана (29), самохрана мајка, го опишува чувството како „мешавина од гордост и паника“.

„На почеток бев пресреќна – ново возило, без маки. Но после шестиот месец почнав да бројам денови до рата. Ако задоцниш – камата. Ако прескокнеш – банки, извршители, телефонски повици. Од возило што треба да те носи напред, одеднаш станува нешто што те влече назад“, објаснува нашата соговорничка.

Има и уште еден фактор што често се премолчува: околината.

„Кај нас е срамота да возиш стара кола“, признава еден соговорник кој сакаше да остане анонимен. „Сите околу мене земаа на кредит, па и јас. Сега се каам. Ќе ја плаќам таа глупост уште три години, а колата веќе изгуби половина од вредноста“, посочува тој.

Според психолозите, вакви одлуки се носат под влијание на притисокот од пријателите, роднините или дури и од социјалните мрежи.

„Човекот сака да припаѓа, а автомобилот е симбол на статус. Но тоа доаѓа со цена – и финансиска и ментална“, вели психологот Сања Љубеновиќ.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП