Сè почесто низ македонските фирми се слуша истата реченица: „Останавме половина од тимот, а работа – повеќе од кога било“.
На хартија, тоа изгледа како зголемена продуктивност, но во пракса – тоа е замор, пад на мотивацијата и чувство дека трудот не се вреднува.
„Не може да зборуваме за продуктивност ако човекот доаѓа на работа со страв дека нема да стигне да заврши сè. Тоа е експлоатација, а не ефикасност“, велат експертите.
Според нив, проблемот не лежи само кај работниците, туку во структурата на стопанството и односот на сопствениците кон вработените.
Автоматизација – спас или изговор?
Дел од компаниите вложуваат во нови технологии, дигитализација и автоматизација. Таму, навистина, машините преземаат дел од работата и бројот на луѓе се намалува со оправдана причина.
Но има и такви фирми каде што технологијата е симболична, а сепак бројот на работници е преполовен.
Во една скопска дистрибутивна компанија, пред неколку години во магацинот работеле дваесетина лица. Денеска се останати осум.
„Пораките со нарачки и понатаму пристигнуваат во ист обем, палетите не се помалку тешки, но ние сме тројца во смена да истовараме камион што порано го растовараа шестмина“, раскажува магационер, кој не сака јавно да му се спомене името. „А платата? Иста, со години не е мрдната“.
Слична е приказната и во едно мало маркетинг-студио. Таму пред пет години имало тим од седум луѓе. Сега се тројца.
„Нема автоматизација за креирање кампањи, нема технологија што ќе ја замени креативноста, а ние ја покриваме целата работа – од комуникација со клиенти до финален дизајн. На крајот на месецот, плата исто како и пред пет години. Па, кажете ми, каде е продуктивноста во тоа?“, се прашува вработена во студиото.
Погрешна слика за продуктивноста
Податоците за продуктивноста знаат да дадат искривена слика. Ако еден вработен денес произведува повеќе отколку вчера, статистиката го бележи тоа како раст. Но во суштина, зад бројките стојат луѓе кои едвај се држат на нозе.
„Ако продуктивноста се гради на потиснат човечки потенцијал и на постојан притисок, тоа е лажна бројка. Краткорочно може да делува ефективно, но долгорочно носи пад на квалитетот и исцрпување на работната сила“, вели економскиот аналитичар Бојан Краљев.
Неизбежна инвестиција во луѓе
Сите соговорници се согласуваат: без вложување во луѓето, нема реална продуктивност.
Новите технологии и автоматизацијата се нужни, но не можат да ја заменат креативноста, знаењето и ангажманот на работникот.
„Ако еден човек работи за двајца, тој нема време ниту да учи, ниту да напредува. Сè што прави е да гаси пожари. А тоа е најлошата слика за едно општество кое сака да биде конкурентно“, заклучува Краљев.
Б.З.М.



