Агенцијата S&P го потврди рејтингот на Соединетите Американски Држави на ниво „AA+“ и процени дека приходите од царините воведени од претседателот Доналд Трамп ќе помогнат да се неутрализира фискалниот притисок по усвојувањето на новиот пакет даночни олеснувања и зголемена потрошувачка.
Во соопштението, S&P нагласи дека американската економија останува силна и диверзифицирана, со институционални предности, ефикасен систем на „контроли и рамнотежа“, флексибилност во водењето економска политика и уникатен статус на доларот како водечка резервна валута во светот.
И покрај ова, агенцијата S&P предупредува на високи нивоа на јавен долг на САД и постојано висок буџетски дефицит, објавува Ројтерс.
Фискалните ефекти од „големиот прекрасен закон“ на Трамп се делумно компензирани од царините – само во јули, американската влада објави зголемување на приходите од 21 милијарда долари од новите царини.
Агенцијата S&P, исто така, истакнува доверба во Федералните резерви, за кои очекува „успешно да балансираат“ помеѓу ограничувањето на инфлацијата и стабилноста на финансискиот систем.
Проекцијата покажува дека просечниот буџетски дефицит на САД би можел да се намали на шест проценти од БДП во периодот 2025-2028 година, од 7,5 проценти во 2024 година и просечно од 9,8 проценти во периодот 2020-2023 година.



