ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивот во зграда или живот во куќа – прашање за милион денари

Живот во зграда или живот во куќа – прашање за милион денари

Дали е поисплатливо да се купи стан во зграда или да се инвестира во куќа со двор?

Прашање кое на прва звучи практично, но зад себе крие десетици слоеви – од комунални трошоци, преку вредност на имотот на долг рок, па сè до психолошкиот комфор.

Цената на квадратот не е единствениот фактор

Во централните делови на Скопје квадратот во станбена зграда одамна ја надмина сумата од 1.600–1.800 евра.

Куќа со двор на периферија може да се најде и за пониска цена по квадрат, но таму влегуваат и дополнителни трошоци – инфраструктура, патишта, греење, па и безбедност.

Архитектот Борис Петрушев вели дека луѓето често прават површна споредба.

„Не е само цената по квадрат клучна. Ако купите куќа во село или на периферија, ќе треба да размислите за транспорт, дали има водовод и канализација, колку ќе ве чини греењето. Тоа се бројки што долгорочно ја менуваат сликата“, вели Петрушев.

Трошоци за одржување

Станбената зграда подразбира заеднички трошоци: чистење, лифт, фасада, кров.

Во куќа, пак, сите тие трошоци паѓаат на сопственикот. Некој ќе каже дека е слобода – но и обврска која може да тежи.

„За нова фасада на куќа може да ви требаат 10.000 евра. Во зграда тоа се дели на станарите и сумата е далеку помала“, објаснуваат експертите.

Од друга страна, во куќа нема месечна „заедничка сметка“, нема комшии што ќе одлучуваат кога смеете да заковате клинец на терасата.

Вредност на имотот и долгорочна исплатливост

На долг рок, становите во урбани центри се полесни за препродажба и давање под кирија.

Куќите со двор, пак, имаат стабилна вредност, но се продаваат побавно – особено ако се надвор од централното градско јадро.
Агентот за недвижности Марко Николов објаснува:

„Стан во Карпош или во Центар секогаш ќе најде купувач, особено со порастот на странскиот интерес. Куќа во периферија може да стои на оглас со месеци. Но, ако имате двор, тоа е капитал што со време само расте, особено по ковидот кога луѓето повторно ја ценат приватноста“.

Финансиската математика е едно, но човековиот мир е друго. Во зграда сте „заробени“ со соседи, лифт, галама, паркинг. Во куќа – имате двор, слобода, но и изолација.

„Во куќа растат деца што трчаат боси по трева. Во стан растат деца што се дружат на игралиштето пред зграда. Ниту едното, ниту другото не е подобро – зависи од личните приоритети“, вели социологот Љубица Маџовска.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП