ПочетнаЕКОНОМИЈАДо завршувањето на изборите не смее нови вработувања под државна капа, а...

До завршувањето на изборите не смее нови вработувања под државна капа, а потсетување и дека службените возила не се за на митинзи!

Што смее, а што не е дозволено откако ќе бидат распишани изборите, во случајов локалните избори. Оваа дилема секогаш е актуелна кога сме пред изборен процес, а добар дел и од оние кои ги знаат правилата ги прекршуват. За регулирање на овој процес се е прецизно дефинирано во Изборниот законик, а редовно и Државната комисија за спречивање на корупцијата излегува со јасни препораки.

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на градоначалници, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Според правилата не смее да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Потоа не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.

Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Дополнително, за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Во последниов период на сајтот на Агенцијата за администрација имаше огромен број на огласи за вработување под државна капа.

Оние што вработуваат секогаш ќе го правдаат тоа со обрзложение дека им е потребен нов кадаар за работа, но кај јавноста а особено опозицијата тоа предизвикува сомнеж дека се вработуваат предизборно таканаречени партиски војници.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата излегоа со соопштение во кое наведуваат дека ќе ги следат сите државни институции, политичките партии, учесниците во изборниот процес и навремено ќе ја известат јавноста за законитоста на користењето и располагањето со буџетските средства. Антикорупционерите напоменуваат дека не смее да се врши поткуп при избори и гласање, давање или ветување подарок или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори, за да гласа или да не гласа или да гласа за определен кандидат.

„Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување“, стои во соопштението на ДКСК.

Локалните избори се закажани за на 19 октомври а две недели потоа ќе биде и вториот круг на локалните избори.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП