Сè повеќе семејства во Македонија остануваат со празни тегли за зимница и со празни чинии. Зеленчукот, кој до вчера беше основа на секојдневната трпеза, денес за многумина е недостижен луксуз.
Податоците се сурови: за една година цените на зеленчукот скокнале за драстични 63,3 проценти, овошјето за 33,2, а вкупниот раст на растителното земјоделско производство изнесува 39,9 проценти.
И додека добиточната храна бележи релативно умерен пораст од 6,5 проценти, цените на пазарите и маркетите ги тераат граѓаните да се откажат од нешто што отсекогаш било дел од традицијата – зимницата.
Земјоделците од Струмичко, регионот што со децении ја хранеше државата со домати, пиперки и краставици, велат дека проблемот одамна излегол од контрола.
„Ние немаме доволно домашно производство. Реално, повеќе од 80–90 проценти од зеленчукот што денес се продава е увоз. И кога сме толку зависни од увозниците и дистрибутерите, нормално е тие да ги диктираат цените“, раскажува земјоделец кој се колеба дали следната година воопшто да сее.
Тој додава дека без гарантиран откуп и стабилни цени – земјоделците немаат мотив да вложуваат.
„Што да правам со стоката ако нема кој да ја купи? Ако Владата сака навистина да нè врати на нивите, мора да нè заштити со сигурен пласман“, вели тој.
За просечно македонско семејство, овој септември зимницата ќе биде скоро недостижна. Купувачите на пазарите само ги гледаат цените, креваат раменици и си заминуваат со празни кеси.
„Минатата година направив десетина тегли ајвар, барем за децата да има. Оваа година? Ништо. Со овие цени ни за салата не можеш да купиш, а камоли за зимница“, раскажува скопјанка додека мери три пиперки на вагата.
И не е единствена. Економистите предупредуваат дека ваквиот раст на цените не е само удар по трпезите, туку и сериозен ризик за целата економија.
„Кога храната станува скапа, тоа се прелева во сите останати сектори. Се менува структурата на потрошувачката, луѓето се откажуваат од други услуги и производи, што значи пад на целокупната економска активност“, објаснува еден универзитетски професор.
Тој додава дека државата мора итно да креира долгорочна стратегија – не со ад хок субвенции, туку со инвестиции во системи за наводнување, логистика и модерен откуп.
„Без тоа, ќе останеме земја што сама себе не може да ја нахрани“ вели професорот.
Останува дилемата: оваа есен, дали македонските семејства ќе имаат туршија и ајвар во оставата или зимницата ќе биде само убаво сеќавање? Сликата на празни пазари и граѓани што се враќаат дома со неколку краставици или две домати зборува сама за себе.
А одговорот, за жал, го нема – ниту на тезгите, ниту во државните политики.
Б.З.М.



