„Постои оптимизам, верувам дека заедно ќе постигнеме договор што ќе одврати каква било идна агресија врз Украина“, рече американскиот претседател.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој се сретна со својот украински колега Володимир Зеленски во Вашингтон, рече дека денот на преговорите во Белата куќа досега бил „многу успешен“, нагласувајќи дека има простор за постигнување договор меѓу САД, Украина и Русија.
Тој потврди дека ќе се направи обид за организирање трилатерален состанок со цел да се дефинираат условите на идниот мировен процес, пренесува Ројтерс.
Трамп рече дека Русија се согласила да прифати одредени безбедносни гаранции и додаде дека во наредниот период ќе се дискутира за „кој ќе прави што“ со цел да се обезбеди долгорочна стабилност.
„Постои оптимизам, верувам дека заеднички ќе постигнеме договор што ќе одврати каква било идна агресија врз Украина“, рече американскиот претседател.
Тој, исто така, најави дека преговорите ќе вклучуваат „можни размени на територии“, нагласувајќи дека ова е комплексно прашање кое бара внимателен пристап. Трамп додаде дека сите актери би претпочитале моментален прекин на огнот додека се работи на траен мир, но призна дека „во овој момент тоа не се случува“.
„Мировниот договор е конечно остварлив и може да се постигне во блиска иднина“, рече Трамп, нагласувајќи дека целта е трајно решение што ќе обезбеди безбедност и мир во регионот.
Зеленски рече дека Трамп ќе се обиде да организира трилатерален состанок и дека Украина би била задоволна доколку американскиот претседател учествува во него.
По средбата со Зеленски, во Белата куќа беше организиран состанок меѓу Трамп, претседателот на Украина и европските лидери, кој е во тек.
Трамп претходно изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин сака војната во Украина да заврши.
Американскиот претседател верува дека е постигнат напредок на средбата со Путин во Алјаска минатата недела.
Тој рече дека САД би можеле да се обидат да преговараат за крај на украинската криза без прекин на огнот што би донел пауза во борбите.
Трамп објави дека ќе го повика Путин по телефон по средбата со Зеленски и дека е можно тројцата лидери да одржат заедничка средба, објави Ројтерс.
Тој, исто така, им рече на новинарите во Овалната соба дека непосредно пред средбата со Зеленски, индиректно разговарал со Путин.
Зеленски изјави дека е отворен за одржување избори во безбедни околности, доколку заврши војната со Русија, објави Ројтерс.
„Мораме да работиме во парламентот, бидејќи за време на војна не можете да имате избори“, рече тој, додавајќи дека е потребно луѓето да можат да имаат демократски, отворени и легални избори.
Изборите во Украина во моментов се суспендирани поради воена состојба.
Трамп рече дека ќе работи со Украина, Русија и други земји за да обезбеди мир.
„Ќе има многу помош во однос на безбедноста“, додаде тој, додека Зеленски му се заблагодари на Трамп за неговите напори, објави Ројтерс.
Зеленски и Трамп повторно се сретнаа во Вашингтон за да преговараат, откако американскиот претседател и Путин не успеаја да постигнат договор за прекин на војната во Украина во Алјаска во петокот.



