ПочетнаЕКОНОМИЈАЧаршијата полна, касата празна – Охрид врие од туристи со броени пари

Чаршијата полна, касата празна – Охрид врие од туристи со броени пари

Охрид и годинава врие од туристи. Улиците се преполни, чаршијата е жива, кафулињата полни со млади лица… Но, зад оваа слика се крие една друга реалност: градот добива бројки, но не и сериозен профит.

Причината? Туристите што доминираат во последниве недели се главно средношколци од Македонија и странци со ограничен буџет.

„Гледаш море од луѓе низ чаршијата, ама џабе е ако касата не ѕвони“, вели сопственик на мал ресторан во стариот дел од градот.

Најмногу нарачуваат вода, по некое кафе, ретко кој седнува на ручек со фамилија. Сѐ е пресметано – до денар“.

Туристичките работници признаваат дека бројките изгледаат импресивно – хотелите се полни, изнајмените соби исто така. Но кога ќе се собере дневниот промет, сликата е сосема поинаква.

„Средношколците што доаѓаат на екскурзии се весели, раздвижуваат, ама тие немаат пари за да остават нешто повеќе. Купуваат сладолед или по едно пиво и толку“, објаснува вработен во продавница на кејот. „Слично е и со дел од странците – патуваат на нискобуџетни аранжмани, спијат во хостели, храната си ја набавуваат од маркет“.

Многу угостители велат дека атмосферата е шаренолика, но потрошувачката е скромна.

„Порано имавме туристи што оставаа по 100 евра дневно – ручек, вечера, сувенири. Сега имаш група што троши едвај 10 евра цел ден“, раскажува сопственик на кафуле. „И сето тоа на сметка на тоа што градот изгледа преполн“.

Иако постојат и туристи од Германија, Холандија или од Полска што се подготвени да трошат повеќе, бројот на такви посетители е далеку помал од оној на младите и нискобуџетните групи.

Економистите предупредуваат дека ако продолжи оваа „туристичка формула“ – големи бројки, но мала потрошувачка – Охрид ќе го изгуби вистинскиот ефект од туризмот.

„Треба да се работи на привлекување на средната класа туристи, кои трошат повеќе, а не се само бројки за статистика“, велат експертите.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП