ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже да платите со картичка, ама кеш си е кеш

Може да платите со картичка, ама кеш си е кеш

Иако бесконтактното плаќање и апликациите за мобилни трансакции станаа речиси секојдневие, во Македонија сè уште постојат џебови на „старомодна“ економија – мали дуќани, тезги, па дури и дел од такси-компаниите – каде што единствено владее готовината.

За локалците, можеби ова и не е толкав проблем – секогаш можат да извадат пари од банкомат. Но за туристите, навикнати во својата земја да плаќаат кафе, превоз или влезница со еден потег на картичката, ова знае да биде вистинска главоболка.

„Ми требаа петнаесет минути да најдам банкомат што работи… за да платам сувенир од 200 денари,“ раскажува Луис од Барселона, кој летово ја посетил Охридската чаршија.

Туристите во замка

Немањето опција за електронско плаќање не е само прашање на удобност. Како што предупредуваат економистите, тоа ја одржува сивата економија – простор каде што приходите тешко се следат, а државата губи значителни приходи од даноци.

„Секоја трансакција што не поминува преку банка останува невидлива за системот. Тоа значи и помалку пари за јавните услуги“, објаснуваат експертите.

Тие додаваат дека туристичкиот потенцијал на државата е поткопан ако патниците се соочуваат со ситуации каде што мораат да трчаат по ситни банкноти наместо да уживаат во патувањето.

Зошто малите бизниси одбиваат картички

Од другата страна на приказната стојат сопствениците на мали бизниси. Тие, најчесто, имаат свои оправдувања: од високите банкарски провизии, преку слаба техничка поддршка, до недоверба кон системот.

„Банката ни зема процент од секоја трансакција, а терминалот за картички кога ќе се расипе, чекај сервис, чекај делови… Полесно е со кеш“, вели сопственик на мала продавничка во Скопје.

Во поголемите градови и туристички центри, бројот на места што прифаќаат картички расте – но бавно. Додека државите во регионот се натпреваруваат во дигитализација, кај нас дел од угостителството, транспортот и ситната трговија остануваат цврсто врзани за готовината.

И додека едни велат „тоа е шармот на Балканот“, другите предупредуваат – светот оди напред, а ние ризикуваме да останеме последни.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП