ПочетнаЕКОНОМИЈАОд каса до паркинг, па директно во багажник - каде исчезнуваат количките?

Од каса до паркинг, па директно во багажник – каде исчезнуваат количките?

Секојдневна слика пред некои супермаркети – редици од напуштени колички за пазарење, расфрлани низ паркингот, блокирајќи места за паркирање или оставени до оградата.

Примерните купувачи ги враќаат на своето место, но сè почесто има и такви кои не само што ги оставаат таму, туку и ги товараат во автомобил и си ги носат дома.

„Имаме случаи кога количките ги наоѓаме по неколку дена во соседни населби. Дел од нив се оштетени, дел исчезнуваат засекогаш. Тоа за нас е директна финансиска загуба“, вели менаџерка на маркет во Скопје.

Монета од 50 денари – привремена мерка

За да се намали бројот на вакви злоупотреби, дел од маркетите воведоа систем за отклучување на количките само со монета од 50 денари.

Идејата е едноставна – за да ја земете, треба да вложите симболичен депозит, кој се враќа откако ќе ја вратите количката на своето место. Но во пракса, работите се извртуваат.

Голем број граѓани користат пластични жетони – бесплатни или промотивни – кои ја заменуваат монетата.

„Така се губи целта на системот. Наместо да го поттикнеме враќањето на количките, овозможуваме уште поголема слобода за оние кои сакаат да ја злоупотребуваат ситуацијата“, додава истиот извор.

Проблем на култура, не само на контрола

Социологот Љубица Маџовска смета дека ова не е само прашање на механизми, туку и на навики и општествена одговорност.

„Количката е во приватна сопственост. Но, дел од луѓето ја доживуваат како нешто што можат да го земат без последици. Тоа е истиот менталитет како кога се паркира на тротоар или кога се фрла ѓубре од автомобил – прашање на воспитување и општествени норми“, вели таа.

Една оштетена или изгубена количка чини неколку илјади денари. За да ги покријат трошоците, маркетите индиректно ги вградуваат во цените на производите.

„На крајот, оние што си ја носат количката дома, не губат ништо. Губат сите останати купувачи, преку повисоки цени“, додава нашата соговорничка.

Експертите предлагаат комбинација на мерки: надзорни камери на паркинзите, подобра физичка контрола, како и едукација на потрошувачите.

„Ако луѓето знаат дека се снимаат, ќе внимаваат повеќе. Но уште поважно е да сфатат дека количката е дел од инфраструктурата за нивна удобност – а не бесплатен сувенир“, заклучува социологот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП