Кога статистиката покажува дека 79,9% од туристите во земјава доаѓаат од странство, на прв поглед тоа изгледа како успех на државната стратегија за привлекување гости однадвор.
Повеќе странци значи повеќе девизи, полни хотели и зголемен промет во угостителството, транспортот, па и занаетчиството. Но, зад оваа импресивна бројка се крие и потенцијален ризик за кој стручњаците предупредуваат – преголема зависност од еден пазар.
Лекцијата од ковид
Пандемијата од ковид-19 беше брутална опомена за земјите чии туристички приходи зависат речиси целосно од странски посетители.
Со затворањето на границите, тие буквално преку ноќ се соочија со празни хотели, нула резервации и економска парализа во цели региони. Во тие моменти, домашниот туризам се покажа како единствениот „амортизер“ – резервна мрежа што може да задржи дел од секторот во живот, иако со намален обем.
„Кога имате цврста домашна база, кризите од надворешен карактер полесно се амортизираат. Граѓаните, дури и во време на визни рестрикции или војни, сепак ќе патуваат во рамки на својата земја“, вели еден туристички аналитичар со долгогодишно искуство во секторот.
Зошто домашните бројки се слаби?
Само 20,1% од вкупниот туристички промет го сочинуваат домашни гости. Овој дисбаланс отвора неколку можни објаснувања, а тоа се дека цените во домашните туристички центри се можеби недостапни за просечниот граѓанин, поголемиот дел од маркетингот е насочен кон странски пазари, но и дека сè повеќе луѓе избираат патувања во странство, често поради ценовни понуди што излегуваат поевтини од домашниот аранжман.
Според искуствата од пандемијата, еден „здрав“ сооднос меѓу странски и домашни туристи би бил приближно 60% спрема 40%.
Така секторот би имал доволно странски девизи за раст, но и стабилна внатрешна поддршка во време на глобални потреси.
„Не е поентата да се намали бројот на странци – напротив, треба да се зголеми бројот на домашни патувања“, нагласува нашиот соговорник. „Државата мора јасно да ја дијагностицира причината за слабиот домашен туризам и да вложи во таргетирани мерки – субвенции, промоции, подобрување на квалитетот“.
Туризмот, на крајот, не е само статистика. Тој е комбинација од луѓе, емоции и навики. А како што покажа последната голема светска криза – оние земји што ја негувале сопствената туристичка публика, полесно ја издржаа бурата.
Б.З.М.



