Приходите од царината на САД достигнаа нов месечен рекорд во јули, иако зголемувањето не беше доволно за да се спречи растот на месечниот буџетски дефицит на земјата.
Приходите од царината достигнаа 28 милијарди долари минатиот месец, што е за 273% повеќе отколку во јули минатата година, според податоците од Министерството за финансии на САД, цитирани од „Bloomberg“.
Во исто време, месечниот буџетски дефицит на земјата е 291 милијарда долари, или 10% повеќе отколку во истиот месец претходната година, откако ќе се земат предвид календарските разлики.

И како што фискалната година се приближува кон крајот во септември, САД се упатуваат кон уште еден прекумерен дефицит во својот биланс на состојба. Јазот за 10-те месеци до јули е 1,63 трилиони долари. Тоа е околу 4 проценти помалку од дефицитот за целата претходна година, по прилагодувањето за календарските разлики и отстранувањето на влијанието на одложените даночни плаќања примени во 2024-та година, соопшти Министерството за финансии.
Од почетокот на фискалната година, приходите од царини достигнаа 142 милијарди долари. Во јуни, зголемените царини ѝ помогнаа на администрацијата да постигне редок успех: месечен суфицит од 27 милијарди долари, прв за јуни од 2015-та година. За целата 2025-та година, приходите од царини би можеле да достигнат 300 милијарди долари, според секретарот за финансии Скот Бесант.
„Велам 300 милијарди долари, но мислам дека ќе мора значително да го ревидираме“, рече Бесант во едно интервју. Тој рече дека приходите би можеле да надминат 1% од бруто домашниот производ на земјата.
Сепак, и повеќето економисти и непартиската Канцеларија за буџет на Конгресот очекуваат законот за даночни трошоци на претседателот Доналд Трамп, усвоен минатиот месец, да го влоши фискалниот дефицит на САД во текот на следната деценија.
Каматите за јавниот долг, како и повисоките трошоци за здравство и социјално осигурување, продолжуваат да сочинуваат голем дел од растот на дефицитот од периодот пред Ковид.



