ПочетнаЕКОНОМИЈАЖешко сонце, жешки плати – како им е на сезонските работници во...

Жешко сонце, жешки плати – како им е на сезонските работници во Малта?

Малта, со своите златни плажи, камени улички и тераси со поглед на тиркизно море, за туристите е разгледница. За сезонските работници – сосема друга приказна.

„Кога првпат дојдов, мислев дека ќе работам покрај море, ќе уживам, ќе спијам на отворен прозорец и ќе пијам кафе пред работа“, раскажува Александар од Битола, кој веќе трета сезона работи како келнер во туристички ресторан во Слиема. „Ама реалноста е дека си 12 часа на нозе, на 35 степени, а кога ќе се вратиш дома – едвај имаш сила да се истушираш“.

Живот меѓу работа и соба без прозорец

Малта во лето врие од туристи и од работници од целиот свет.

Македонците најчесто се вработуваат во хотели, ресторани, барови, а дел и во градежништво.

Работното време ретко кога е точно осум часа. Во угостителството, често е двојно повеќе.

Сместувањето, кое често го обезбедува работодавачот, е најчесто соба со уште двајца или тројца колеги, понекогаш и без клима-уред.

„Во август, кога ноќната температура не паѓа под 28 степени, буквално се будиш мокар“, вели Јована од Куманово, хостеса во туристичко место.

Храната ја јаде платата

Просечната сезонска плата во угостителство се движи меѓу 900 и 1.200 евра, но трошоците за храна, превоз и основни потреби знаат да изедат повеќе од половина.

Додека туристите плаќаат 3 евра за кафе, работникот пресметува дали му се исплати да си го дозволи.

Сепак, за многумина, овие пари се доволна мотивација – особено за оние кои во Македонија би заработиле двојно помалку.

„Една сезона овде ми носи колку половина година дома“, признава Александар. „Не е лесно, ама кога ќе ги префрлиш парите – некако забораваш на жештината“.

Социјален живот „на рати“

Работата остава малку време за дружење. Слободниот ден, ако го има, се користи за перење алишта, одмор и малку прошетка.

Некои сепак наоѓаат начин да ја „фатат“ Малта како туристи: вечерно капење во морето, прошетки или пијалак во Валета. Но тоа е ретко, повеќе како подарок отколку навика.

За голем дел од сезонците, Малта станува годишна дестинација – не за одмор, туку за заработка. Некои остануваат и постојано, со надеж дека ќе најдат подобра работа и ќе го донесат семејството.

Други велат „доволно ми беше една сезона“.

„Малта е убаво место за викенд, не за секој ден“, заклучува Јована со полунасмевка. „Но, кога си од земја каде платата е 400 евра, изборот станува прашање на преживување, а не на уживање“.

Меѓу сончевиот рај и тешката реалност, сезонските работници во Малта живеат во своевидна сенка на разгледниците – таму каде туристите никогаш не гледаат.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП