„Kia“ започнува голема реорганизација на својата моделска гама, што подразбира целосен прекин на производството на популарните „Ceed“ и „Ceed SW“, промени во моторната понуда за „Picanto“, како и нова, помоќна верзија за „Xceed“.
„Picanto“, кој е втор најпродаван модел на корејскиот производител по „Sportage“, отсега ќе биде достапен исклучиво со 1,0-литарски трицилиндричен бензински мотор со 67 коњски сили, пренесува „Autocar“. Со оваа промена, сегашниот 1,0-литарски мотор со 62 коњски сили и 1,2-литарскиот четирицилиндричен мотор со 76 ks се целосно отстрануваат од понудата.
Од друга страна, кросоверот „Xceed“ добива помоќен 1,6-литарски четирицилиндричен бензински мотор со 177 ks, кој ќе биде на врвот од гамата. Претходниот 1,5-литарски бензинец со 158 ks во основниот модел се заменува со хибридизиран 1,0-литарски трицилиндричен мотор кој развива 113 ks.
Најголемата промена е целосниот прекин на производството на моделот „Ceed“ и неговата караван верзија „Ceed SW“. Портпаролот на „Kia“ потврди дека овие модели, кои се произведуваа во фабриката во Жилина, Словачка, нема да добијат директен наследник. Истото важи и за „Proceed“, чија продукција заврши во декември минатата година.
Според шпекулациите, празнината што ќе остане по прекинот на овие модели би можела да биде пополнета со новиот модел „K4“, чиј настап на европскиот пазар се очекува подоцна оваа година. Засега нема официјална потврда, но се знае дека станува збор за конкурент на „Volkswagen Golf“, кој веќе се произведува во Мексико за северноамериканскиот пазар, а тест примероци веќе се забележани на европските патишта.
Прекинот на производството на „Ceed“ ќе ослободи капацитет во фабриката во Жилина за нови електрични модели. Портпаролот на компанијата потврди дека ова ќе овозможи простор за претстојниот „EV4“, првиот електричен модел на „Kia“ во C-сегментот, кој наскоро ќе започне да се испорачува. Дополнително, од почетокот на 2026-та година, во истата фабрика ќе започне и производството на „EV2“ – нов електричен модел на „Kia“ од почетно ниво.
Концептот „EV2“ е веќе претставен и ќе биде технолошки близнак на моделот на „Hyundai“, за кој се претпоставува дека ќе го носи името „Ioniq 2“ и ќе биде премиерно прикажан на Саемот за автомобили во Минхен.
Да потсетиме, „Ceed“ (првично „Cee’d“) беше претставен во 2006-та година и во текот на своето постоење стана еден од најпродаваните модели на брендот – особено во Европа, каде што остваруваше просечна годишна продажба од околу 80.000 единици. Набрзо по неговото лансирање се појави караван верзијата „Ceed SW“ и „Proceed“, а во 2019-та година и покачениот кросовер „Xceed“.



