ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„MacBook“ од 599 долари? Гласините стануваат сè поверодостојни

„MacBook“ од 599 долари? Гласините стануваат сè поверодостојни

Гласините за прифатлив „MacBook“ кружат со години, но најновите извештаи сугерираат дека „Apple“ конечно може да произведува еден, што би можело да се покаже како огромен успех.

Иако има гласини за поевтин лаптоп на „Apple“ уште од самиот почеток, од 1991-ва година до денес, „Mac“ компјутерите биле прифатливи, но никогаш навистина евтини, пишува „AppleInsider“.

Дури и моделот од 2015-та година, со почетна цена од 1.299 долари на американскиот пазар, не бил нискобуџетен. Сепак, новите гласини споменуваат цена од само 599 долари во САД.

Зошто најновите гласини се веројатни

Овој пат, приказната има поголема тежина. Не станува збор само за предвидување на познатиот аналитичар Минг-Чи Куо дека „MacBook“ од 599 долари ќе биде објавен во 2026-та година или за тврдењата на порталот „Digitimes“, кој се повикува на извори во синџирот на снабдување.

Дополнителен кредибилитет даваат референците во кодот на оперативниот систем „macOS Sequoia“, забележани уште во јули 2024-та година, чија важност беше препознаена дури подоцна. Клучот за сите гласини за евтин „MacBook“ е дека тој би бил напојуван од процесор A18 Pro, сличен на оној во „iPhone“. Тој чип е поедноставен и поевтин за производство од серијата „M“, што отвора врата кон пониска цена.

Секако, се поставува прашањето дали таков уред ќе ја загрози продажбата на „MacBook Air“, моментално најприфатливиот лаптоп на „Apple“. Сепак, не се чини дека пониската цена нужно ќе ја канибализира продажбата – постариот „M1 MacBook Air“ неодамна се продаваше за иста цена од 599 долари на продажба во САД, а тоа не му наштети значително на „Apple“.

Перформансите не се сомнителни

Иако A18 има поскромни спецификации, неговата брзина во многу задачи е изненадувачки блиску до поскапите модели. Има шест процесорски јадра (две моќни и четири економични), додека M1 има осум, а M4 десет. Во тестовите со едно јадро – кои се клучни за повеќето секојдневни активности – A18 го надминува M1 и се приближува до M4.

Во задачите што ги користат сите јадра одеднаш, A18 е само малку послаб од M1, додека разликата во графиката е исто така мала – помалку од 15% во корист на M1.

Повеќе од само цената

Покрај поевтината цена и солидните перформанси, се очекува новиот „MacBook“ да има минималистички дизајн, со помалку порти, сличен на моделот од 2015-та година. Тој уред, и покрај проблематичната тастатура „пеперутка“ и пониските перформанси, го доби прекарот „слаткиот ‘MacBook’“.

Беше многу пофален за неговата преносливост и дизајн, идеален за работа во кафулиња, на патувања или за студенти. Новиот модел би можел да понуди слично премиум искуство со изработка, но по значително пониска цена.

Доколку овие најнови гласини се точни, тоа би бил многу посакуван уред што би чинел половина од цената на „MacBook“ од 2015-та година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП