Пчеларите од земјава предупредуваат на сериозна закана која, велат, повторно ја погодува пчеларската заедница во регионот.
Продолжената суша, комбинирана со недостигот на медоносни растенија, го оставила пчелниот свет без доволно полен – витална состојка за развојот на зимското легло.
„Без полен, нема млади пчели. А без млади пчели – нема кој да ја издржи зимата“, вели за нашиот медиум еден долгогодишен пчелар од Пелагонија, кој сакаше да остане анонимен.
Проблемот е особено критичен сега, во почетокот на септември, кога се создава генерацијата на таканаречените „зимски пчели“. Тоа се токму оние инсекти што треба да ја изнесат целата зима на своите мали плеќи – од првиот мраз, па сè до пролетното будење на природата.
Ако оваа генерација изостане, пчелните семејства ќе влезат во зима ослабени, со премал број единки, а дел од нив, едноставно, нема да ја дочекаат пролетта.
„Веќе ми се јавија многу колеги кои забележале дека матиците престанале со легло. Тоа е јасен знак – нема доволно храна и колониите се под ризик“, предупредува нашиот соговорник.
Според пчеларите, единствениот излез во вакви услови е навремена интервенција со протеинска прихрана.
Иако, велат, ништо не може целосно да го замени природниот полен, ваквата мерка може да направи огромна разлика меѓу преживување и целосно губење на семејството.
„Времето за реакција е сега. Ако чекаме уште недела или две, веќе ќе биде доцна. Пчеларството станува сè потешка и понеизвесна гранка, а климата нè тера да бидеме постојано на штрек“, додава пчелар од Велешко, кој веќе започнал со прихранување на своите кошници.
Пораката до сите колеги пчелари е јасна: мерките мора да се преземат веднаш, без одложување. Зимата не простува – особено кога доаѓа во време на суша и глад.
Б.З.М.



