Колку и да изгледа идилично, морето крие свои тивки стапици. Од медузи со невидливи пипала, преку камуфлирани морски ежови, до отровната риба-змеј – еден погрешен чекор и денот на плажа може да заврши во болница.
Медуза – невидливиот „електричен удар“ во вода
Контактот со медуза не е само непријатен, туку може да биде и опасен, особено за луѓе со алергиски реакции.
Пецкањето е често опишано како електричен удар под вода – кратко, но со последици.
Првата реакција? Не тријте ја кожата.
„Триењето ја влошува состојбата, затоа што се шират остатоците од пипалата и отровот навлегува подлабоко“, објаснуваат медицинските лица.
Наместо тоа, погоденото место исплакнете го со морска вода (не со обична, затоа што свежата вода ги активира пецкавите клетки) и нанесете ладни облоги.
Морски еж – мали шилци, голема мака
Ежот е мајстор на камуфлажата – неподвижен, често скриен меѓу карпите.
Еден невнимателен чекор и острите игли се забодуваат во кожата.
„Најважно е да се извадат сите шилци, затоа што во спротивно може да дојде до инфекција“, советуват дерматолозите.
Понекогаш дел од иглите се кршат и остануваат внатре – што значи дека вадењето мора да го направи стручно лице.
Додека стигнете до лекар, може да го натопите стапалото во топла вода – топлината делумно го неутрализира токсичниот ефект и ја намалува болката.
Рибата-змеј – „господарката“ на подводната заседа
Една од најопасните во Јадранот, а и во топлите делови на Медитеранот. Таа не напаѓа, туку чека. Се закопува во песокот, а горните перки се вооружени со отровни шилци.
„Кога боцката ќе пробие, болката е силна, пулсирачка и може да се шири нагоре по ногата. Некои пациенти чувствуваат и вртоглавица, гадење, па дури и отежнато дишење“, објаснуваат медицинарите.
Третманот е сличен на оној кај ежот – потопување на погодениот дел во топла (но не врела) вода, бидејќи топлината го разградува отровот. И, секако, итна медицинска помош.
Превенцијата – подобра од секој лек
Иако овие ситуации се чести на летните одмори, голем дел од нив можат да се избегнат.
Носете водоотпорни сандали или специјални обувки при влез во непозната вода, избегнувајте да пливате таму каде што има предупредувања за медузи и – колку и да звучи примамливо – не истражувајте со раце и нозе меѓу карпите.
Како што вели еден искусен спасител: „Морето е убаво, ама не заборавај – таму си ти гостин, а домаќините имаат свои правила“.
Б.З.М.



