Некогаш мирисот на врел шеќерен сируп со варени сливи или јагоди низ кујната значеше едно – семејството ќе има џем за цела зима.
Денес, истиот тој мирис е ретка појава. Не затоа што луѓето не сакаат, туку затоа што џемот, од домашно задоволство, стана… скапо хоби.
„Да купиш шеќер, плодови, тегли, капаци… па струјата што ќе ја потрошиш. Сè на сè, ќе платиш повеќе отколку за готов џем од продавница“, вели Бисера Илиевска од Скопје, која пред десетина години секое лето правела најмалку 40 тегли. „Сега, ако направам 10 тегли, тоа е за душа“.
Пазарот не простува
Ако се пресмета денешната цена на шеќерот – околу 50 денари за килограм, а за џем обично треба најмалку килограм и половина за секои два килограма овошје – само за таа состојка сметката е висока.
Плодовите? Ако не ги береш од своја градина, ќе платиш речиси како да купуваш егзотични плодови. Малини над 250 денари, јагоди од 150 до 200, па и повеќе.
„Малку е и апсурдно – да направиш домашно, а да ти излезе двојно поскапо од фабричкото“, коментира Аце, пазарџија од Зелен пазар. „Луѓето купуваат овошје за јадење, не за преработка“.
Работата нема цена – ама има тежина
Покрај трошоците, тука е и времето. Чистење, миење, варење, стерилизирање тегли – цел процес кој бара часови, па и цел ден.
„Мене ми е мерак, ама после 6-7 часа на нозе, со пареата в лице, се прашуваш дали вреди“, признава Лидија од Куманово.
Сепак, домашниот џем има нешто што фабричкиот никогаш нема да го понуди – вкусот. Онаа полна, густа арома на овошје што го знаеш каде пораснало, мирисот на детството… Но, тоа сега чини. Буквално.
Во минатото, во скоро секоја кујна во август и септември вриеше по некој лонец со овошје.
Денес, такви сцени се гледаат поретко и најчесто кај оние кои имаат сопствени насади или селска куќа. За градските домаќинки, правењето џем станува вистинска реткост.
Б.З.М.



