ПочетнаЕКОНОМИЈАОдбранбената индустрија на ЕУ се шири со рекордно темпо

Одбранбената индустрија на ЕУ се шири со рекордно темпо

Европските фабрики за оружје се шират со три пати побрзо темпо од изградбата во мирно време. Новиот индустриски простор покрива повеќе од 7 милиони квадратни метри, доведувајќи го вооружувањето до историски размери, според анализата на „FT“ врз основа на сателитски податоци од 150 локации во 37 одбранбени компании.

Градежната активност во европската одбранбена индустрија се мобилизира по целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022-ра година.

Политичките разговори и ветувањата за масовно трошење за оживување на капацитетот за производство на одбрана во Европа отстапија место на истурање бетон, според податоците анализирани од весникот.

Ова доаѓа во време кога владите на Европската унија (ЕУ) дебатираат како да ги изградат своите залихи, а воедно да продолжат да го снабдуваат Киев, со оглед на сомнежите за САД и нивната посветеност на регионалната безбедност.

„FT“ користел повеќе од 1.000 радарски сателитски снимки за да ги следи промените во фабриките за муниција и ракети, две од најслабите точки на западната поддршка за Украина. Сликите од сателитите „Sentinel-1“ управувани од Европската вселенска агенција покажуваат проширување или градежни работи на една третина од локациите.

Обемот и ширењето на активноста укажуваат на фундаментална промена во процесот на вооружување на Европа, преминувајќи од мирновременски модел „точно на време“ кон градење индустриска база на многу поотпорна на војна основа.

Повеќето одбранбени компании одбија да коментираат за анализата, наведувајќи ги безбедносните проблеми.

Просторот за производство се очекува да порасне од 790.000 квадратни метри во 2020-21 година на 2,8 милиони квадратни метри во 2024-25 година, покажува анализата на податоците. Сликите од овие локации ги потврдуваат промените што произлегуваат од подготвителните градежни активности, појавата на нови згради и нова инфраструктура.

Меѓу најголемите проширувања е заедничкиот проект помеѓу германскиот одбранбен гигант „Rheinmetall“ и унгарската државна компанија за оружје „Н7 Холдинг“ за голем објект за производство на муниција и експлозиви во Варпалота, западна Унгарија. Градежните работи на локацијата се во тек, бидејќи таму се планира да се произведуваат и други видови муниција, како и фабрика за експлозиви.

Исто така, беше спроведена анализа на 88 локации кои се поврзани со програмата на ЕУ за поддршка на производството на муниција (ASAP). Во рамките на програмата веќе се инвестирани 500 милиони евра за решавање на специфични тесни грла во производството на муниција и ракети. И локациите на „Rheinmetall“ и „Roxel“ се поддржани во рамките на „ASAP“.

Физичката експанзија е очигледна на 20 локации финансирани во рамките на „ASAP“. Некои од нив се сосема нови фабрики и пристапни патишта. Уште 14 имаат мали промени, како што е додавањето нови паркинзи. Останатите локации или немаат проширувања или биле канцеларии и истражувачки згради.

Заедно со компаниите кои веќе добиле финансирање од „ASAP“, весникот ги анализира и оние без финансирање од ЕУ. Тие вклучуваат 12 објекти кои се на листата на чекање за средства од „ASAP“ и уште 50 локации во ЕУ и Велика Британија кои се дел од синџирот на производство на ракети. Според анализата, компаниите со финансирање од „ASAP“ растат многу побрзо од другите.

Комесарот за одбрана на ЕУ, Ендру Кубилиус, изјави за британскиот весник дека откако Русија ја нападна Украина, годишниот капацитет на Европа за производство на муниција се зголемил од 300.000 на проектирани 2 милиони до крајот на оваа година.

Ова главно се должи на проширувањето на фабриките на „Rheinmetall“. Според нивната официјална прогноза, производствениот капацитет за гранати од 150 мм треба да се зголеми од 70 илјади во 2022-ра година на 1,1 милион до 2027-ма година.

Во ЕУ се во тек нови преговори за друга одбранбена програма вредна 1,5 милијарди евра, која би ја „реплицирала логиката на ‘ASAP’“ преку грантови, како и би обезбедила финансирање за заедничка набавка, според информациите од ЕК.

Еврокомесарот Кубилиус вели дека Комисијата проучува дали слични методи се применливи за „стимулирање на други индустрии да го прошират своето производство во други области“. Меѓу приоритетните области се ракетите и воздушната одбрана, артилеријата и беспилотните летала.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП