ПочетнаИНТЕРЕСНОПод сенката на 500-годишниот јавор во Теово – живиот споменик на едно...

Под сенката на 500-годишниот јавор во Теово – живиот споменик на едно село

Патот кон Теово, мало село во близина на Богомила, е како враќање во некоја заборавена приказна. Кривулести патеки, камени ѕидови покрај патот, и мирис на сено што ве следи.

Но, центарот на селото крие нешто што е повеќе од убавина.

Таму, среде селската чешма и неколкуте клупи, се издига џиновски јавор, стар околу 5 века. Висок триесетина метри, со стебло дебело скоро три метри. Толку голем, што дури и тројца возрасни луѓе не можат да го прегрнат. Кората му е со длабоки жлебови, како брчки на лице што видело и премногу радости и премногу тага.

„Го паметам уште од кога бев дете… а дрвото секогаш било исто“, вели Љупчо, седнат на старата клупа под сенката. „Само ние се менуваме, него времето го допира, ама не го руши“.

Локалните жители прераскажуваат една стара легенда. Некогаш, во времето на Отоманската империја, во селото пристигнал турски војник. Засадил млад јавор сред село – наводно како белег, како свое „сведоштво“ дека поминал оттука. Од тогаш, дрвото растело заедно со селото.

Под неговите гранки се одржувале пазарите, тука се договарале свршувачки, се честеле младоженци… а во други денови, под сенката се слушале и најтажните вести.

„Во 80-тите години, овде имаше свадба што траеше три дена,“ се присетува Марика, која со кофа вода ги наводнуваше цвеќињата отспротива. „Исто така, овде се собра цело село кога ни изгоре една куќа. Ние сме научени – ако нешто се случи, се среќаваме под јаворот“.

Неговата сенка е природен климатизер. Дури и во жежок августовски ден, температурата под гранките е барем десетина степени пониска. Нема туристички ознаки, нема сувенирници. Сè што има е една мирна тишина и чувство дека времето овде тече побавно.

Старите велат дека јаворот преживеал најмалку десет големи бури и неколку сушни години кога многу други дрвја се исушиле.

„Се повредил малку од гром пред дваесетина години,“ ми покажува Љупчо на едно место од кората. „Ама заздрави. Како човек“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП