ПочетнаЕКОНОМИЈАКвадратот се поскап, кошничката станува потешка: Семејствата во Македонија се борат да...

Квадратот се поскап, кошничката станува потешка: Семејствата во Македонија се борат да врзат крај со крај

Купувањето стан во Македонија за просечното домаќинство сè повеќе станува мисловна именка. Цените на недвижностите во новоградба не престануваат да растат, а со постојано растечките трошоци за живот, дури и семејствата со редовни приходи тешко можат да си дозволат основен покрив над главата.

Просечната цена на квадратен метар во Скопје достигнува речиси 2.000 евра. Цените за метар квадратен за новоградба во Скопје се движат од 1800 евра до 3000 евра.

Во пракса, еднособен стан, новоградба од 50 квадратни метри во главниот град тешко може да се најде за помалку од 100.000 евра, а земањето станбен кредит подразбира месечна рата што лесно надминува 400 евра – и тоа под услов кредитот да е поволен. Кога ќе се додадат сите придружни трошоци, од осигурување и нотари до даноци и проценки, влегувањето во сопствен стан станува предизвик што бара години штедење и потпирање на семејна помош.

Потрошувачката кошничка на синдикатот за четиричлено семејство изнесува речиси 1.100 евра месечно. Оваа сума ги вклучува трошоците за храна, домување, комунални услуги, образование, транспорт и здравствена заштита. Ова значи дека семејство со вкупен приход од 1.100 евра едвај ги покрива основните потреби и едвај може да издвои стотици евра месечно за кредит.

„Нормален граѓанин, кој заработува помеѓу 500 и 600 евра, што е реалност за мнозинството луѓе во Македонија, едноставно не може да си дозволи покрив над главата. Нема шанси да се задолжи, ниту да си дозволи такви цени на недвижности. Ситуацијата е таква што многумина веќе не можат да платат ниту кирија. Значи, постои целосно отсуство на грижа за граѓаните. Алармот е одамна вклучен и покрај сите апели, никој не обрнува внимание на овој проблем. Веќе имаме семејства станари кои се во сиромаштија, имаме семејства станари кои се лизгаат кон сиромаштија и имаме дел од семејствата станари кои „пливаат“, но со големи тешкотии работејќи две работи или со тоа што сите работат во фамилијата”, велат економските аналитичари.

Податоците покажуваат дека во Скопје, една третина становите зјаат празни, кои или се повремено зафатени – претежно се користат сезонски.

Цените на становите се дуплираа во последните неколку години , а без сериозна државна стратегија, прашањето за домување останува еден од клучните социјални проблеми.

Без итни и сеопфатни мерки, станот останува привилегија на малкумина во Македонија.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП