„Порано ќе сварев сарма со месо и во вторник. Сега, ако не е празник или ако не дошол некој од странство, ние само со ориз или праз – ако има и тоа“.
Вака ни ја почна приказната Ратка од едно битолско село, додека седеше пред старата фурна, влечејќи тивко дим од евтин тутун. Не ни ја прашавме директно, ама сама ни призна – месо не купиле со недели.
Промената на начинот на исхрана во македонските домаќинства е веќе повеќе од очигледна. Некогаш, дури и во полоши времиња, народот наоѓаше начин да стави парче месо во манџата. Денес, тоа станува сè поретка појава – дури и за средната класа, а кај сиромашните – речиси недостижен луксуз.
Сѐ е поскапо, ама платите – „како заборавени“
„За еден килограм месо од бут, денес се дава 500 до 600 денари. А со таа сума треба и леб да купиш, и масло, и млеко…“ – вели Даниела од Скопје.
Таа работи во маркет и признава дека често им носи на децата зеленчук на попуст или остатоци од погачи од пекара. „Што ќе правам? Некако мора да преживееме до крај на месец“.
Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, потрошувачката кошничка за четиричлено семејство надминува 50.000 денари месечно.
А просечната плата? Не оди рамо до рамо со трошоците. Особено не за храна – категорија во која пораснаа цените најмногу во изминатите две години.
Месарите сведочат: се купува „по грам“
„Некогаш жените доаѓаа и велеа – ‘дај ми килограм ребра и пола кило меленo’. Сега бараат 200 грама мелено, 300 грама ќофтиња, колку за еден ручек“, раскажува Влатко, сопственик на месарница во Куманово.
Ги чувствува промените, вели, на своја кожа.
„И мене не ми оди работата како порано. И сам правам попусти, давам нешто плус, само да задржам муштерии“.
Според него, младите ретко влегуваат во месарница.
„Тие се веќе на паштета, брза храна, или јадат дома што има. Месо ретко“.
И додава:
„А кога ќе дојде некој што купува ‘на големо’, знаеш – дошол од Германија“.
Не е секој ден Велигден
„Сега ако не е Велигден, Нова година или слава, ретко се става печење на трпеза. Тогаш, да, се собираме, се раздаваме – ама не може секој ден да е празник“, ни вели Љупчо од Прилеп, пензионер.
И тој се сеќава на времињата кога „манџа без месо не се сметаше за ручек“.
А и во градските ресторани, забележливо е – се бараат поевтини јадења. Шефови на кујни ни велат дека на мени сè повеќе доминираат посни специјалитети, не од религиозни причини, туку економски.
Нутриционистите предупредуваат
„Кога месото станува луксуз, семејствата се ориентираат кон евтина, но нутритивно сиромашна храна. Долгорочно, ова води кон недостиг на есенцијални аминокиселини, железо и Б12, особено кај децата. А здравјето почнува од чинијата“, коментираат експертите.
Според нив, државата мора да размисли за системска поддршка – било преку субвенции за основни прехранбени производи, било преку стимули за домашно производство на храна.
Б.З.М.



