ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата потрошила над шест милиони евра за вештачка интелигенција во јавниот сектор,...

Државата потрошила над шест милиони евра за вештачка интелигенција во јавниот сектор, но проектите никогаш не профункционирале!

Во време кога вештачката интелигенција(AI) е тема број еден во светот и придобивките од нејзиното користење веќе се пресметуваат во милијарди евра, Македонија сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена. Државниот завод за ревизија објави извештај во кој се наведува дека од 2012 година преку Фондот за иновации и технолошки развој се кофинансирани 48 проекти од областа на вештачката интелигенција, а тие точно чинеле 6,1 милион евра. Но, поради недоволна транспарентност, слаб публицитет и отсуство на системски пристап, ниту еден од овие проекти не е имплементиран во јавниот сектор.

Ревизорите ги прочешлаа податоците од информациските системи и се обидоа да најдат одговори на прашањето, колку употребата на вештачка интелигенција во јавниот сектор е реално да се случи во блиска инднина во земјава? Ревизијата утврди дека Национална стратегија и законска регулатива за утврдување на правилата за имплементација на проекти со вештачка интелигенција во јавниот сектор не е донесена.

„Употребата на вештачката интелигенција се споменува во повеќе стратешки документи, но најчесто како дел од пошироки цели, без придружни акциски планови и без координиран пристап. Вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки ресурси, како што се суперкомпјутери, специјализирани сервери за обработка на големи податоци и машинско учење, развој на технолошки центри, се незначителни и придонесуваат за намален интерес за проекти со користење на вештачка интелигенција. И покрај тоа што не е донесена национална стратегија, ниту законска рамка за примена на AI во јавниот сектор, во периодот од 2018 до 2023 година, преку Фондот за иновации и технолошки развој се финансирани 48 проекти со елементи на AI во вкупна вредност од 6.110.044 евра“, се наведува во анализата на ДЗР.

Податоците до кои дојдоа ревизорите велат дека ниту еден од поддржаните проекти за вештачка интелигенција не е имплементиран во јавниот сектор. Постои недоволната промоција и отсуство на јавен регистар на проекти во оваа област и има ограничување на нивната видливост, следливост и примена, што негативно влијае врз можностите за нивна имплементација, популаризација и понатамошни вложувања во јавниот сектор.

„Иако Владата на Република Северна Македонија во 2023 година го промовираше првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција АДА, со цел зголемена подобра транспарентност информираност инвестициските и за можности, алатката веќе не е во функција, и покрај вложените 150 илјади евра, една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата. Иако 96,99% од населението е покриено со 5G мрежа, а над 68% од домаќинствата имаат пристап до фиксни мрежи со многу висок капацитет, Република Северна Македонија сè уште не располага со современа и сеопфатна дигитална инфраструктура што е предуслов за примена на вештачката интелигенција. Недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на AI во јавниот сектор. И покрај најавите, сè уште не е изграден технолошкиот парк во Скопје, а постојните иницијативи остануваат недовршени. Ова укажува на итна потреба од вложувања во инфраструктура што ќе овозможи сигурна, доверлива и ефикасна примена на новите технологии, во согласност со европските регулативи и стратешките цели за дигитална трансформација“, стои во извештајот на ревизорите.

Вештачката интелигенција има потенцијал да го подобри функционирањето на повеќе сектори, а како клучни се наведуваат здравство, енергетика, образование, јавна администрацвија, финансиски сектор, земјоделство, индустрија, безбедносен сектор.
Сепак, тука ревизорите уште еднаш констатирале дека овие потенцијали остануваат недоволно искористени поради отсуство на национална стратегија, соодветна инфраструктура и квалификуван кадар.

Од друга страна, според Глобалниот индекс на иновации за 2024 година, Македонија бележи пад за четири позиции од 54 на 58 место. И индексот за подготвеност за вештачка интелигенција на ММФ ја позиционира земјата на 77 место од 174 држави, што укажува дека иако постои потенцијал, потребни се значителни подобрувања во дигиталната инфраструктура, човечкиот капитал, иновациите и економската интеграција, како и регулативата и етиката во доменот на вештачката интелигенција.

Собранието на Македонија на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го донесе Законот за безбедност на мрежни и информациски системи со кој се уредува безбедноста на мрежните и информациските системи, надлежните органи за безбедност на мрежните и информациските системи, мерките за безбедност на мрежни и информациски системи и за управување со ризикот за сајбер безбедност, како и други прашања поврзани со безбедност на мрежни и информациски системи.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП