ПочетнаЕКОНОМИЈАКога ќе дочекаме 1.000 евра минимална плата?

Кога ќе дочекаме 1.000 евра минимална плата?

Премиерот Христијан Мицкоски пред новинарите испрати порака која, барем на прв поглед, звучи како сон за секој вработен во земјава – минималната плата да не биде 500, туку 1.000 евра. Но веднаш се огради: теренот каде што ова треба да се договара не е ниту Владата, ниту опозицијата, туку Економско-социјалниот совет (ЕСС), каде седат претставници на работниците и работодавците.

„Упатувам порака до вистинските синдикалци, да излезат од политичката реторика, зашто политичарите од опозицијата ги злоупотребуваат. Ајде да зборуваме за вистински синдикални права“, рече Мицкоски.

Но колку е ова воопшто остварливо? Економистите со кои разговаравме, а некои од нив сакаа да останат анонимни, се скептични.
„Од сегашни околу 400 евра, скок до 1.000 евра би значело речиси тројно зголемување. Такво нешто бара или драматичен раст на продуктивноста или драстична промена на економската структура – ниту едното ниту другото не се гледа на хоризонт во следните неколку години“, велат експертите и додават дека и силно извозно ориентирани економии ретко имаат таков прескок без инфлациски турбуленции.

Од стопанските комори предупредуваат на уште еден ефект – масовно затворање на фирми кои нема да можат да го поднесат товарот.

„Секоја фирма има своја пресметка. Ако минималната плата порасне на 1.000 евра, тоа ќе значи и автоматско растење на сите останати плати, бидејќи ќе мора да се задржи платната хиерархија. Со тоа, вкупниот трошок за плати би можел да скокне за 60–70%. Многу микро и мали бизниси нема да издржат“, брифираат оттаму.

Синдикатите, пак, реагираат со воздржан оптимизам. Не кријат дека 1.000 евра е бројка што би ја поздравиле, но велат дека прво ќе инсистираат на ветеното зголемување на минимум 500 евра.

„Ќе биде добро да зборуваме за идеали, но мора да одиме чекор по чекор. Ако сега ја утврдиме основата на 500 евра, веќе ќе бидеме на половина пат“, вели претставник на синдикатите.

Во целата приказна, најважното прашање останува – кој ќе ја плати цената на таквиот скок? Зашто, како што искрено ни кажа еден искусен финансиски аналитичар, „во економијата нема магија – ако некому му дадеш повеќе, тоа или мора да го заработи, или некој друг ќе го плати“.

Засега, идејата за 1.000 евра минимална плата останува повеќе како политички и синдикален слоган, отколку како реален, краткорочен план.

Но во земја каде што цените одамна го престигнаа животниот стандард, самото спомнување на оваа бројка веќе создава надеж – или барем добар материјал за преговори.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП