ПочетнаЕКОНОМИЈАОвчото сирење станува луксуз, а сточарите – вид во изумирање

Овчото сирење станува луксуз, а сточарите – вид во изумирање

Некогаш беше престиж да имаш стадо овци. Денес – ќарот едвај ги покрива трошоците. Во Македонија, земја со долга традиција на сточарство и производство на овчо сирење, овците полека, ама сигурно, исчезнуваат.

„Имавме над 500 грла. Сега сме на едвај 120. Ако продолжи вака, ќе ги распродам и тие“, вели Ванчо С. од мариовско село, човек кој цел живот го поминал со стап во рака и со поглед вперен во стадото.

Гласот му е тврд, но под него тлее разочараност.

„Концентратот поскапел, ветеринарот не доаѓа без 50 евра, а субвенции… ако стигнат, се топат ко снег во април“, вели Ванчо.

И додека државата си брои статистики, на терен сликата е неподнослива.

Според податоците, бројот на овци во последните 10 години е преполовен. Од над еден милион грла, денес сме под половина милион. А таму каде што нема овци – нема ни млеко, нема сирење, нема урда.

Од „бело злато“ до недостижен луксуз

На скопските пазарчиња, килограм овчо сирење се продава за 650 до 700 денари. Урдата оди по 350. За споредба, пред пет години сирењето беше околу 350 денари, а урдата – и по 180.

„Има купувачи, ама сè поретко земаат цел килограм. Бараат по 200 грама, колку за мезе “, вели Благица, продавачка на Бит-пазар, која веќе 22 години продава млечни производи.

Причините за растот на цените се повеќеслојни. Освен намалениот број на овци, проблем е и недостигот на сезонски работници, транспортот, поскапувањето на сточната храна, но и – лошото менаџирање на државната поддршка.

„Државата нека не нè теши со бројки. Овчарството се гуши. Ако не се фати некој паметен план, ќе увезуваме сирење од Бугарија и Грција и ќе се прашуваме каде ни исчезна традицијата“, предупредува Љупчо Ј., член на сточарско здружение од источна Македонија.

Фармите се празнат, младите бегаат

Младите не гледаат иднина во оваа професија. „Син ми отиде во Германија. Рече: ‘Тато, не сакам да живеам од млеко што ми го плаќаат со задоцнување’. И што ќе му речеш? Да остане и да се мачи?“, прашува Зоран од Кичевско.

И тој, како многумина, го гледа крајот на едно време.

Многу фарми се затвораат, или, како што велат сточарите, „се влечкаат“, односно формално постојат, но реално немаат продукција.

Државната контрола е слаба, велат, а неретко се пријавуваат овци што не постојат – само за да се земат субвенции.

„Имаме сè повеќе лажни овчари и сè помалку вистински. Тоа не е одржливо“, вели економистот Јовица Спасевски.

Според него, неопходна е темелна ревизија на целата гранка – од производство до дистрибуција и поддршка.

Има ли надеж?

Некои бараат решението во организирани задруги, други – во дигитализација на процесите и директна продажба до потрошувачи.

Но сите се согласни во едно: ако се продолжи со сегашното темпо, за десетина години „овчо сирење од Македонија“ ќе биде или музејски примерок или луксузен увозен артикл.

А додека политичарите се во предизборен транс, овчарите се будат во 4 часот наутро, со раце груби од работа и со прашањето: „Кому му треба ова ако никој не го вреднува?“

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП