ПочетнаЕКОНОМИЈАЗабраната за движење во шумите ги „изгоре“ печуркарите

Забраната за движење во шумите ги „изгоре“ печуркарите

Летото кое за многумина значи сонце, скара и одмор – за печуркарите од Пелагонија оваа година е тивко, празно и без мирисот на свеж врган.

Забраната за движење низ шумите, воведена како превенција од шумски пожари, ги закова дома сите кои со години живееја или барем дополнително заработуваа од собирање и сушење на оваа ценета печурка.

„Да ти кажам право, ми недостига не само печурката туку и тој мир наутро, кога шумата се буди“, раскажува еден искусен собирач од Долненско.

Години наназад, врганот му бил сигурен приход. Не како работа со фиксно работно време, туку како страст, хоби што се претвора во парички.

„Од есен до пролет имав вино и ракија без да давам денар, сè со парите од врганот го покривав. Оваа година – ништо“, вели нашиот соговорник.

Според него, сушениот врган се продава по цена која „не се кажува гласно, за да не ти се смеат тие што не знаат колку е вреден“.

Но вистината е дека илјадници евра знаеле да се свртат во добра сезона.

Секој кој ја пробал оваа печурка – особено во странство – знае дека нејзиниот вкус и арома ја ставаат високо на листата на гурманските задоволства.

Ова лето, меѓутоа, приказната е сосема поинаква. Забраната за движење низ шумите, која формално е на сила заради екстремната опасност од пожари, во пракса значи прекин на цел еден мал, но важен локален бизнис.

„Разбирам дека мора да се пази шумата, ама ние што живееме од неа – што да правиме? Се чувствувам како да ми врзале раце“, додава нашиот соговорник.

Иако општините и шумските управи повикуваат на трпение и почитување на мерките, за оние кои веќе ја гледаа првата жетва на врганот, оваа одлука е како ладен туш.

Некои се надеваат дека септември ќе донесе поповолни услови и делумно укинување на забраната. Други, пак, веќе се помируваат дека оваа сезона е изгубена.

„Шумата ќе почека. Ама моите буриња за ракија нема што да чекаат – ќе останат празни“, вели печуркарот и со горчлива насмевка гледа кон планината.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП