На средина на месец август реализацијата на капиталните инвестиции едвај стасала 30 отсто. Во пари тоа изнесува само 15 милијадрди 589 милиони денари или нешто над 250 милиони евра. Овие податоци се повеќе од загрижувачки ако се знае дека се наоѓаме во ек на градежна сезона и во година во која се најавуваа големи инфраструктурни проиекти и градежен бум насекаде низ државата. Работата да не изгледа толку лоша во однос на капиталните инвестиции со ребалансот на буџетот се ревидираше и ова очекување за нивната реализација.
Првите критики стандардно доаѓаат од опозицијата. Според СДСМ ваквата слаба реализација на капиталните инвестиции се показател или доказ за целосна институционална неспособност на Владата и промашени економски политики. Нивниот став е дека со ваква мизерна реализација, Македонија не може да напредува. Компарацијата на политичката партија со времето претходно покажува дека реализацијата на капиталните инвестиции во првите шест месеци од оваа година е преполовена.
„Во времето на СДСМ, во истиот период од 2023 и 2024 година, реализацијата изнесуваше над 60%. Со ВМРО-ДПМНЕ имаме огромен пад, кој со себе повлекува последици по целата економија затоа што Капиталните инвестиции се едни од најважните алатки за економски раст. Дополнително загрижувачки е што парите со кои власта се задолжува не се ефектутуираат за проекти туку се трошат ненаменски за покривање буџетски дупки“, велат од СДСМ.
Ставот пак на власта е дека во Македонија на терен се работи како никогаш до сега. Тоа што треба да се почека за да се потврди ова тврдење е наплатата на средствата која според власта ќе се случи во последниот квартал од годината и бројките за реализацијата на капиталните проекти ќе биде многу различна, а со тоа и подобра од годините претходно. Според васта, разликата помеѓу нив и СДСМ е во тоа што оваа владеачка гарнитура реализира вистински проекти кои ќе бидат од корист на граѓаните.
„Македонија никогаш не се градела како што се гради денес, насекаде низ државата има над 1200 градилишта, се работи од изградба и реконструкција на училишта, градинки, болници, патишта, водоводи и канализации. Ова е во делот што сега активно се гради, а сега и за тоа што до сега е реализирано и пуштено во употреба. Во изминатиот период интензивно се градеше и се пушти во употреба експресниот пат Градско-Фариш со должина од 25 километри, кој значително го намалува времето на патување до Прилеп и Битола. Оваа година беше завршен и пуштен во употреба и експресниот пат Страцин-Крива Паланка во должина од 15,5 километри“, велат од власта.
Сега има две сценарија, или дополнително ќе се засукаат ракавите пред избори и ќе се гради со засилено темпо или пак веднаш по завршувањето на изборите ќе се случи нов ребаланс на буџетот со кој ќе се скратат дополнителни средства кои за годинава беа предвидени да се трошат на капитални проекти.
Експертите остануваат на ставот дека на Македонија и се потребни капитални проекти кои ќе донесат дополнителна вредност. Слабата патна и железничка инфраструктура веќе не оддели, не од регионот, туку и од светот, добар дел од децата учат во образовни објекти како во 19 век, а здравствената инфраструктура е под сите стандарди и под секое достоинство на граѓаните.
И.П



