ПочетнаАВТОБИЗ„Honda“ ја шокира индустријата: Електричните возила не се иднината?

„Honda“ ја шокира индустријата: Електричните возила не се иднината?

Во изненадувачки потег, „Honda“ изјави дека електричните автомобили не се крајната цел на компанијата, туку само едно од средствата за постигнување јаглеродна неутралност до 2050-та година.

Иако производителот минатата година објави инвестиција од 68 милијарди долари во електрификација, неодамна тој буџет беше намален за 30%. Дополнително, компанијата се откажа од претходниот план електричните автомобили да сочинуваат 30% од продажбата до крајот на деценијата.

Претседателот на „Honda“ во Австралија, Џеј Џозеф, за „Drive“ изјави дека брендот ќе продолжи да се потпира на возила на батерии, но паралелно ќе развива и алтернативни технологии, како што се водородните горивни ќелии – штом инфраструктурата го дозволи тоа.

Еден од најновите примери е „CR-V e:FCEV“, кој комбинира горивна ќелија и батерија што може да се полни. Со овој чекор, „Honda“ го следи патот на „Toyota“ и „Hyundai“, кои сè уште инвестираат во водород, додека „Stellantis“ целосно ја напушти оваа технологија.

Сепак, развојот на водородната инфраструктура е клучната пречка – моментално во светот постојат само околу 1.160 станици за полнење.

Додека некои експерти сметаат дека водородот и синтетичките горива се ќорсокак, други, како претседателот на „Toyota“, Акио Тојода, тврдат дека класичните електрични автомобили никогаш нема да доминираат на пазарот.

Но, бројките велат поинаку: според „IEA“, повеќе од 20% од сите продадени автомобили во 2024-та година биле електрични, а веќе оваа година се очекува овој удел да надмине 25%. Во Европа, продажбата на електрични возила во првата половина од 2025-та година достигна 17,5%, во споредба со 13,9% во истиот период во 2024-та година.

Без оглед на позициите на големите производители, транзицијата кон електрична енергија е во јасен подем.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП