Денес, 11 август 2025 година, Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за сите набавки на општините во 2024 година. Истражувањето открива дека:
⦁ Во 80-те општини и Градот Скопје во 2024 година склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, односно 190 милиони евра.
⦁ Само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра.
⦁ Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
⦁ Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.
⦁ Општините склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми.
⦁ Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
⦁ На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра.
⦁ Општините трошат на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети.
⦁ Најголема вредност на набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.
Сите податоци за јавните набавки по општини, фирми и години од 2015 година наваму се наоѓаат на Базата на податоци за јавните набавки на општините. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на [email protected].



