ПочетнаЕКОНОМИЈАВласта ги искара трговците дека многу скапо го продавале овошјето, и толку!

Власта ги искара трговците дека многу скапо го продавале овошјето, и толку!

Нова потврда дека животот станува се поскап даде последниот извештај на Државниот завод за статистика кој покажа дека трошоците на живот на годишно ниво се зголемиле за 4,8 отсто. Тоа значи продолжување на трендот раст на инфлацијата која се случува веќе со месеци. Властите и натаму анализираат или така велат дека нешто се работи за справување со овој негативен тренд во општеството, а граѓаните се оставени да чекаат и да се снаоѓаат како знаат и умеат. На опозицијата не и останува ништо друго, туку да обвинува и ја потсетува власта дека не се грижи за граѓаните. Експертите пак со низа на препораки како да се подобри животот на домаќинствата.

Нови мерки и натаму нема. Властите на состанокот со трговците ги предупредиле дека ќе бидат санкционирани со нови мерки доколку и натаму продолжат да продаваат овошје во летниве месеци по цени како да сме пред Нова година. Властите им дале рок уште еден месец да ги доведат во ред цените, ако тоа не се случи ќе имало ригорозни мерки.

„Интервенцијата на пазарот е неизбежна ако нема добра саморегулација. Граѓаните мора да бидат заштитени од неоправдани поскапувања, а цените не смеат да бидат алатка за профит на штета на животниот стандард“, велат од Министерството за економија.

Потврда за ваквите чудни случувања со цените на овошјето даде и Институтот за економски анализи Finance Think. Но и дека мерките кои власта ги објавува во обид да направи ред, се контра продуктивни на долг рок.

„Сепак, прегледот на податоците за движењето на цените на храната, покажува дека движењето на вкупната инфлација не е главно водено од движењата кај цените на храната. Месечниот индекс на цените на храната има не-растечки тренд, којшто не е доволно воочлив поради значајната варијабилност, но е присутен. Варијабилноста произлегува од периодите на замрзнување на цените и/или маржите, во кои месечниот индекс забележува пад, но тој пад е проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката. Ефектот од ваквите мерки е краткорочен и реверзибилен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката. Според тоа, укажавме дека потпирањето врз вакви мерки треба да се напушти“, препорачуваат од Finance Think.

Доколку се анализираат податоците од извештајот на статистичарите може да се забележи дека најголем годишен раст има кај овошјето и тоа 6.3%, но и кај рибата и морските плодови 5.6%, додека кај сите останати компоненти растот е посмирен или негативен. Претпоставките на експертите се дека кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62% според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13.9% количински и 23.3% вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Од ФТ велат дека состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период.

„Кога ќе се исклучи непроцесираната храна, односно: свежо и замрзнато месо, jajцa, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, тогаш цените растат помалку (1.4%), отколку кога индексот ја исклучува и процесираната храна (1.9%), која вклучува леб, сирење, масла, процесирано месо, џемови и чоколада. Тоа укажува дека процесираната храна има релативно помал пораст на цените, па кога и таа ќе се исклучи, во индексот остануваат само ставки со повисок пораст на цени (на пр., услуги), што го “зголемува” индексот. Ако се има предвид дека значаен сегмент од процесираната храна доаѓа од увоз, тогаш може да заклучиме дека нема доминантен притисок врз цените кој доаѓа од глобалниот пазар“, велат од Finance Think.

Од Finance Think сметаат дека  главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сe’ уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања. 

Во однос на реалните плати, експертите велат дека вредно е да се обележи дека со исклучок на неколку месеци во 2022 година, нивниот раст остана позитивен над нивото на инфлацијата долж целиот изминат период. Сличен е заклучокот и кога се анализира буџетскиот трошок за плати и надоместоци во јавната администрација: тој следеше континуиран годишен раст и во 2024 односно 10.4% и во 2025 6% во прво полугодие, номинално.

Родителите се приморани да се откажуваат од многу работи за да можат да обезбедат оброк за своите деца, прават секојдневни математики – дали да платат сметки или да купат основни намирници, реагираа и од опозициската СДСМ.

„Не може народот да биде на леб и сол и да чека мерки, додека владините функционери се луксузираат и се гоштеваат со папаја и манго. Не требаат „анализи“ и промашени мерки со „кошнички“. Владата има готови предлози од СДСМ – нека ги реализира: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори. Само на овој начин цените ќе се намалат, а ќе се заштити стандардот и понатамошното осиромашување“, велат од СДСМ.

Експертите од Finance Think се децидни дека монетарната политика треба јасно да сигнализира дека борбата со инфлацијата останува врвен приоритет. Во услови кога растот на платите и цените на услугите покажуваат знаци на трајност, инфлацијата станува “леплива”, односно тешко се повлекува, како што е евидентно сега. Затоа, Народната банка мора да биде подготвена да ја задржи или, ако стане потребно, заостри рестриктивната поставеност – бидејќи долгорочната стабилност на цените е клучна за економската доверба и заштита на реалната вредност на приходите на граѓаните.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП