Во една скопска кафеана, група пријатели стануваат од масата, се поздравуваат со келнерот, и на масата оставаат – речиси ништо.
Монета од 10 денари или округло „благодарам“. Тоа е сцена што сè почесто ја гледаме, особено во време кога инфлацијата го пренасочува секој денар кон приоритетите.
А келнерот? Со насмевка си ги прибира чашите и си продолжува. Навикнат е.
„Луѓето мислат дека платата ни е доволна, ама реалноста е друга. Без бакшиш, нема смисла оваа работа“, ни вели Андреј, келнер во познат скопски ресторан. Служи со ентузијазам, но признава – не од љубов, туку од нужда.
Македонија – каде бакшишот е опционален, а некогаш и непожелен
Во Македонија, оставањето бакшиш не е правно обврзувачко, ниту културно кодифицирано.
Едноставно – или ќе оставиш, или нема. Нема некое непишано правило. Иако во некои елитни ресторани се очекуваат 10% од сметката, во обичните кафеани, оставените пари најчесто се заокружување – од сметка од 270 денари, се остава 300. Ако се остави.
„Имаме гости што секогаш оставаат 50, па и 100 денари, ама има и такви што ќе направат сметка од 2.000 денари и ќе станат без збор“, вели Марија, која веќе 8 години работи во угостителство. „Не ги осудувам. Едноставно, тоа е нашата култура – сè уште не сме ја изградиле таа навика“.
А што се случува во Европа?
Низ Европа, приказната е малку поинаква. Во Германија, на пример, оставање бакшиш е речиси обврска – 5 до 10% од сметката се подразбира.
Германците дури и за кафе од 2.80 евра ќе остават 20-30 центи, и тоа директно во рака – не на маса.
Во Франција, услугата е често вклучена во сметката („service compris“), но и покрај тоа, многумина оставаат дополнително.
Во скандинавските земји, пак, платите во угостителство се пристојни, па бакшишот се смета за „плус“, не за нужност. Иако во Данска и Шведска келнерите не го очекуваат, некои туристи сепак оставаат, од навика или од чувство на благодарност.
Во Грција и во Бугарија, многу блиску до нас по менталитет, бакшишот е широко прифатен. Особено на туристички места, келнерите очекуваат 5-10%, а понекогаш дури и ќе намуртат ако не добијат ништо. Разбирливо, кога месечната плата зависи од тоа дали гостите се „расположени“ или не.
Психологија на бакшишот – не се работи само за пари
Има нешто многу човечко во гестот на оставање бакшиш. Тоа не е само надомест за услуга. Тоа е знак дека некој го забележал твојот труд.
Дека си направил нешто повеќе од очекуваното. Но токму тука се крши македонскиот модел.
„Не е само до парите“, ни вели келнер од Прилеп кој сакаше да остане анонимен. „Некогаш е доволно гостите да кажат ‘фала ти, многу беше убаво’. Но, кога нема ни збор, ни бакшиш… се чувствуваш ко да си невидлив“.
Не е обврска – ама е убав гест
Оставањето бакшиш нема сила на закон. Но има сила на навика, на култура и на меѓучовечки однос.
Во земја каде угостителите работат за минималец, а дневните смени се по 10-12 часа на нозе, понекогаш и 20 денари можат да направат разлика. Не финансиски, туку… онака, човечки.
И додека Европа полека го претвора бакшишот во институција, кај нас сè уште се колебаме – дали, колку, и зошто.
А можеби е време да престанеме да размислуваме за бакшишот како „луксуз“, и да почнеме да го гледаме како – мала, но значајна потврда дека трудот не е залуден.
Б.З.М.



