Робо-такси управувано од Baidu Apollo Go падна во длабок канал на градилиште во југозападна Кина, а патникот во возилото не е повреден, објавија денес локалните медиуми.
Инцидентот се случил во среда во градот Чонгкинг, а локалните жители го спасиле патникот со помош на скали, објавија Huashang и Southern Metropolis Daily.
Видеата на кинеските социјални медиуми покажуваат бел автомобил со логото на Baidu Apollo на дното на каналот на градилиштето.
Сопственикот на локална продавница рекол дека градилиштето било оградено и дека околу него биле поставени предупредувачки знаци, но останува нејасно како возилото ги поминало таквите безбедносни мерки, објави Ројтерс.
A self-driving “#Robotaxi” by #Baidu’s Apollo Go fell into a roadside pit in #Chongqing on August 7. The female passenger climbed out safely via a ladder. The company said, “Safety is our top priority.” #selfdrivingcars #China pic.twitter.com/12VMjAXBgI
— Shanghai Daily (@shanghaidaily) August 7, 2025
Baidu сè уште не го коментирал инцидентот, кој предизвика дебата на кинеските социјални медиуми за тоа колку се безбедни роботските такси.
Baidu е еден од најголемите оператори на робо-такси во Кина и работи во повеќе градови, вклучувајќи ги Вухан, Пекинг и Чонгкинг. Оваа компанија неодамна се обидува да ги прошири своите услуги за робо-такси на глобалните пазари и потпиша договор за партнерство со американските платформи Uber Technologies и Lyft.
Нејзиниот конкурент, кинеската фирма Pony.ai, беше критикувана во мај откако на социјалните мрежи се појави видео од едно од нејзините возила како гори на автопат во Пекинг.
Компанијата подоцна соопшти дека возилото се запалило додека персоналот за одржување работел на него по дефект на системот и дека во тој момент немало патници во автомобилот. Сличен инцидент се случил во Сан Франциско минатата година, кога група луѓе запалиле робо-такси Waymo кое возело низ улици полни со луѓе, предизвикувајќи дебата за тоа дали роботските возила можат да донесат соодветни безбедносни проценки, според Ројтерс.



