ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе останат ли теглите празни? Народот се откажува од скапата зимница

Ќе останат ли теглите празни? Народот се откажува од скапата зимница

Граѓаните веќе ја мерат секоја тегла пред да ја затворат – инфлацијата не попушта, а сè е поскапо, од домат до капак.

„Кога ќе ги собереш само теглите и капаците, без да зборуваме за зеленчукот и за струјата, зимницава ми излегува поскапа од платата“, вели Соња од Кисела Вода, која годинава ќе прави помалку ајвар и ќе ја прескокне лутеницата. „Само мали теглички за во зима, за децата“.

Слични зборови се слушаат низ сите пазари. Есента допрва доаѓа, но цените одамна го изгубија есенскиот тон.

Пиперката – главна ѕвезда во секоја македонска зимница – веќе надмина 80 денари за килограм. Доматите, во некои градови, се продаваат и по 100. А на тоа додај капаци, тегли, оцет, струја, плин – и ќе сфатиш зошто сè повеќе луѓе размислуваат да ја купат зимницата… од маркет.

Тегла по тегла – страв

Ако пред пет години семејство од четворица правеше 30 до 40 тегли зимница за околу 3.000 денари, денес таа цена се удвојува. Или потројува, ако решите да не штедите.

„Годинава правев ајвар само за дома. Се откажавме од кисели краставички и мешана салата. Едноставно, не вреди“, раскажува Цветко, пензионер од Битола. „Платив 1.200 денари само за пиперки – и тоа од тие ‘поцрнети’.“

Цените варираат, но тенденцијата е јасна – сè оди нагоре. Причините се комплексни, но пред сè, велат експертите, проблемот лежи во климатските промени, намалениот род и растечките трошоци за производство и транспорт.

И струјата ја „јаде“ зимницата

„Луѓето забораваат дека не е само во намирниците. Стерилизацијата на теглите, миењето, варењето – сето тоа троши струја, плин, вода“, вели Јулијана, домаќинка од Куманово. „Кога ќе собереш, за 30 тегли ќе платиш и 500 денари само за струја и гас“.

Додава дека летово трипати се предомислувала – дали воопшто да прави. На крајот, се одлучила да замрзне дел од зеленчукот, наместо да го вари.

Инфлацијата не заврши

Според економскиот аналитичар Ведран Кузмановски, Македонија веќе неколку месеци е во зона на тивка, но континуирана инфлација.

„Падот на цените е привид. Основните прехранбени производи, особено оние што се купуваат во сезона, не покажуваат реално намалување. Притоа, сезонските трошоци како зимницата се директно погодени од глобалните пазари – од нафтата, преку транспортот, до вештачките ѓубрива“, вели Кузмановски.

Тој нагласува дека годинава многу граѓани ќе се соочат со избор: домашна зимница или маркет со готова, но поскапа и често помалку квалитетна верзија.

Пазарите празни, народот разочаран

На Зелениот пазар во Скопје, атмосферата е далеку од онаа што ја паметиме. Помалку продавачи, уште помалку купувачи. Се чувствува некаква нервоза, потиштеност.

„До пред неколку години, есента беше празник. Сега… секако дека е сѐ уште лето, ама немаме чувство дека наскоро ќе дојде есента“, вели една продавачка, додека ги реди вреќите со пипер.

Многу семејства бараат алтернативи: „ајвар“ без масло, лутеница со помалку пипер и повеќе морков…

„Ова не е зимница што ја знаевме – ова е ‘да се најде нешто за зима’“, вели Снежана од Велес. „Мене ми е страв само да не дојде време кога ни теглите ќе ги полниме со… воздух“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП