ПочетнаЕКОНОМИЈАЛозарите на работ на нервен слом пред берба

Лозарите на работ на нервен слом пред берба

Село Тиквешко, почеток на август. Жештината притиска, сè мириса на зрело грозје. Но, наместо џагор, детска смеа и женски гласови по нивите – молк.

Само некоја стара мотика што ја чука земјата и гласот на радио од далеку. А лозарите? Намуртени, со мобилните в рака, ѕвонат по ред:

„Ало, мајсторе, имаш некој млад да ми дојде за берба? Ништо? Аха, фала…“ – и пак од почеток.
„Грозје имаме, ама млади – немаме. Ни за лек. Ќе остане на лоза, што да ви кажам…“, вели Љупчо од Кавадарци, лозар цел живот.

Ова не е единствено место каде лозарите ги фаќа паника. Истото се случува и во Неготинско, Демиркаписко, дури и по некои делови во Гевгелиско.

Сценариото е веќе препознатливо: лозјето пука од плод, но во селото останале само старци и неколку деца што уште не одат на училиште. Останатите – или во странство, или по градовите со некоја административна плата.

Многу лозари велат дека платите што ги нудат не се мали. Дневница од 1.800 до 2.500 денари, плус храна, превоз, па и пијалак.

Ама… „младите викаат тешка работа“, раскажува Миле од Росоман, додека стои покрај приколката со кофите и брои колку му фалат.
„Слушај, на времето доаѓаа млади од Прилеп, од Битола дури… сега не сакаат ни локалните. А и тие што ќе дојдат – работат по саат-два, па одмараат. И ‘напиј се, одмори се’. Ние на сонце цел ден – а тие седат под сенка, пушат и гледаат на телефон“, вели Миле.

Лозарските здруженија од Тиквешкиот регион велат дека оваа година може да биде критична. Не поради количината или квалитетот на грозјето – туку поради работната рака. Велат дека ако бербата доцни, грозјето ќе се префрли преку границата на зрелост и ќе изгуби вредност.

„Имаме договори со винарници, но тие не чекаат бескрајно. Ако не набере лозарот, ќе си го увезат однадвор. А нашето – ќе скапе“, вели Дарко, претседател на едно од регионалните здруженија.

На локално ниво има некои иницијативи – општини што нудат субвенции за работници во земјоделството, но тоа е далеку од системско решение.

Централната власт нема јасен одговор – дали ќе се овозможи некаква мобилизација на невработените, ученици или студенти преку програми за сезонска работа? Или, пак, ќе се носат странски работници, како што веќе се случува во градежниот сектор?

Сè уште – ништо.

„Ако вака продолжи, догодина ќе оставиме лозјето да дивее. Или ќе го искорнеме. Што ќе ми е мене мака, грев, работа – а никој ни фала не кажал“, вели еден постар лозар од Демир Капија, додека брише пот од челото.

Останува прашањето – дали некој ќе го слушне нивниот глас? И дали ќе се најде начин овие години плод да не стане – проклетство.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП