Одделот за чипови на „Samsung Electronics“ забележа многу поголем од очекуваниот пад на бизнисот од 94% во тримесечјето до крајот на јуни, што ја покажува длабочината на кризата која го погодува најголемиот светски производител на мемориски чипови, објави „Bloomberg“.
Слабите резултати во клучниот сегмент укажуваат колку позиции загуби „Samsung“ во профитабилната сфера на вештачката интелигенција (AI), каде што „SK Hynix“ е лидер во премиум меморија, а „Taiwan Semiconductor Manufacturing Co“ (TSMC) доминира во договорното производство на чипови.
Одделот за чипови пријави тримесечна оперативна добивка од 400 милијарди вона (288 милиони долари) – најниска во последните шест тримесечја, далеку под просечната прогноза на аналитичарите од 2,73 трилиони вона. Падот во голема мера се должи на еднократни трошоци за залихи, бидејќи контролите за извоз од САД доведоа до непродадени „AI“ чипови во делот на производството за други компании, кое делумно се потпира на кинеската побарувачка. Овој пад на добивката дојде и покрај значителната побарувачка за премиум мемориски производи за сервери, соопшти компанијата.
Цената на акциите на најголемата јужнокорејска компанија се намали за 1,8% во четврток наутро во Сеул.
„Слабите резултати се одраз на лошата позиција на ‘Samsung’ на пазарот на ‘HBM’ чипови, вели М. С. Хуанг, директор за истражувања во „Counterpoint“.
Според него, уделот на „Samsung“ на глобалниот пазар на „HBM“ во второто тримесечје паднал на 17% според обемот, во споредба со повеќе од 40% во првото тримесечје на 2024-та година.
„Ова укажува дека ‘Samsung’ заостанува дури и зад ‘Micron Technology’ и е рангиран на трето место во второто тримесечје“, додаде Хуанг.
„Samsung“ очекува оперативната загуба во договорното производство да се намали во втората половина од годината поради постепено закрепнување на побарувачката.
Слабиот тримесечен извештај дојде по објавата дека „Samsung“ потпиша договор вреден 16,5 милијарди долари со „Tesla“ за производство на „AI“ чипови во идниот погон во Тејлор, Тексас. Веста предизвика акциите на „Samsung“ да пораснат над 20% во јули, што би можело да биде најдобриот месец за компанијата во последните години.
Компанијата ги зголемува инвестициите во истражување и развој, како и во производствениот капацитет, во обид да ги достигне „SK Hynix“ и „Micron“ во производството на „AI“ чипови. „Samsung“ сè уште се бори да добие сертификација за најновите производи од „Nvidia“ – процесот трае необично долго, што му овозможува на „SK Hynix“ да ја зацврсти лидерската позиција на растечкиот пазар на „AI“ меморија.
Истовремено, „Samsung“ се обидува да привлече големи клиенти од „TSMC“ за да го оживее проблематичното договорно производство, чија оперативна динамика опадна. „TSMC“ започна производство во Аризона и го зголемува капацитетот во САД, додека „Samsung“ го одложи завршувањето на фабриката во Тејлор, која сега се планира да почне со работа во 2026-та година.
Успешната реализација на повеќегодишниот договор со „Tesla“ би можела да ги подобри шансите на „Samsung“ за привлекување нови клиенти и би ја потврдила технологијата за масовно производство со 2 нанометри.
Инвеститорите, исто така, следат дали „Samsung“ ќе профитира од обновувањето на продажбата на „AI“ чиповите „H20“ на „Nvidia“ во Кина. Поефтината верзија „HBM3“ на корејскиот производител веќе била користена заедно со „H20“ во минатото.
Претходно во јули, „Samsung“ објави слаби прелиминарни податоци за оперативната добивка и приходите. Нетo-добивката достигна 4,93 трилиони вона, што е под прогнозата на аналитичарите од 6,37 трилиони вона.



