Висок претставник на „Kia“ потврди дека активно се разгледува SUV варијанта базирана на моделот „Tasman“, а можно е да следат и други модели со поголем фокус на теренска возачка способност.
Сепак, за да се случи тоа, треба да има силна побарувачка надвор од еден пазар.
Во текот на изминатата година имаше многу шпекулации за можен „SUV“ кој би произлегол од првиот среден пикап на „Kia“, при што австралиското раководство беше особено гласно во поддршката на таа идеја.
Приказната сега се префрли од сферата на гласини во реалност, благодарение на официјалната потврда од Донг Хун Канг, потпретседател на Центарот за дизајн на средни и големи возила на „Kia“ и водечки инженер кој стои зад моделот „Tasman“.
Во разговор за австралискиот портал „Drive“, Канг изјави дека „Kia“ почнува да ја разгледува идејата за „SUV“ кој би можел да им конкурира на модели како „Ford Everest“, „Toyota Fortuner“ и „Land Cruiser“, „Mitsubishi Pajero Sport“ и „Isuzu MU-X“.
Иако внатрешниот развоен процес веројатно е веќе во тек, „SUV“-от сè уште нема добиено формално одобрување од повисокиот менаџмент. Шефот на одделот за планирање на производи на „Kia“ во Австралија, Роланд Риверо, објасни дека иднината на проектот зависи од поширок глобален интерес.
Доколку плановите продолжат, „SUV“ моделот би можел да пристигне во следните неколку години. Канг напомена дека развојот на „Tasman“ започнал околу 2019-та година и траел долго, но сугерираше дека овој „SUV“ би можел да пристигне побрзо, со оглед на тоа дека темелите веќе се поставени.



