Зимата секогаш доаѓа со истата стара мака – како најевтино, најбезбедно и најефикасно да си ги стоплиме домовите? Во време кога секоја сметка боли, а енергенсите постојано флуктуираат, граѓаните се соочени со прашањето: струја, дрва, пелети или парно?
Ова лето, како што покажува последната анализа што ја направивме, одговорот изненадува: пелетите, кои до неодамна важеа за „луксузна“ опција, повторно се враќаат како најисплатливо решение за затоплување.
Пелетите се враќаат, а струјата поскапува
„До пред неколку години пелетите беа најскапата опција. Годишно ми оделе и по 70.000 денари за греење. Ама оваа година, со сегашните цени, ќе ме чини речиси двојно помалку“, ни вели Ѓоко Трајковски од Велес, кој веќе ја наполни гаражата со палети. „Лани се греев на струја, ама кога ми стигнаа декемвриските сметки, ми се стемни…“.
И навистина, цените покажуваат чуден пресврт. Пелетите, кои се произведуваат од отпадно дрво, годинава чинат во просек 20 денари по килограм, а една просечна куќа троши околу 3-4 тони по сезона.
Тоа значи дека едно семејство може да ја помине целата зима за околу 60.000 – 70.000 денари, што е можеби поевтино од инвертер климите или од парното.
Инвертерите – ефикасни, но веќе не и евтини
„До пред две години сите преминуваа на инвертери – беа хит. Сега, со поскапувањето на струјата и сè почестите рестрикции во дистрибуција, луѓето повторно бараат алтернатива“, вели енергетскиот консултант Бобан Филипов.
Според него, струјата сè уште е релативно чиста и погодна за мали простории, но не и исплатлива за семејства кои греат повеќе од една соба.
„Ако греете стан од 60 квадрати со две инвертер клими, и тоа цел ден, сметките лесно може да надминат 8.000 денари месечно. А и не грее еднакво кога надвор е минус десет“, додава тој.
Дрвата повеќе не се најевтини, а се и најголеми загадувачи
До неодамна, народот се колнеше во огревно дрво – арно ама, со скокот на цените, оваа традиционална опција стана сè помалку достапна. Еден кубик огревно дрво моментално се продава меѓу 3.500 и 4.000 денари, а за цела сезона просечно семејство троши минимум 6-8 кубика.
„Оваа година првпат не нарачав дрва“, ни признава Љупка од Берово. „Ги гледав како ги истовараат на сосетка ми и си направив проста математика – поевтино ми е да се префрлам на пелети, а и нема толку пепел и ѓубре“.
Парно само за оние во градските центри
Иако централното греење се сметаше за удобна и сигурна опција, цените не мируваат.
Во Скопје, на пример, парното за просечен стан чини околу 4.000 денари месечно во текот на грејната сезона, а трошоците за одржување и фиксните давачки не се мали.
„Плаќам и кога не се греам. А тоа ми е најгорчливото“, ни вели еден скопјанец од Тафталиџе. „Затоа размислувам за алтернатива, макар и да не се откачам веднаш“.
Гледај во пелетите
Ако се земат предвид сите трошоци – набавка, одржување, ефикасност и месечни давачки – затоплувањето со пелети оваа година е убедливо најисплатливо, особено за куќи и поголеми семејства.
Освен што не создава многу неред, оваа опција станува сѐ попопуларна и поради „балансот“ меѓу удобноста и цената.
„Мислам дека конечно ќе има зима во која нема да ми се смрзнат стапалата“, вели низ смеа Даниела од Кичево, која додава дека оваа сезона првпат ќе се проба со новиот шпорет на пелети.
Б.З.М.



