„Јави се кога ќе стигнеш“ е реченица која звучи обично, но во себе крие сè. Не е само совет од загрижен родител, туку цела животна филозофија во една реченица. Таа реченица значи внимавај на себе, биди фокусиран на патот, оствари ја задачата што си ја започнал и јави се, кажи дека си стигнал, дека си успеал, дека си безбеден.
Секој пат кога некој оди на пат, особено кога се работи за помлад човек, родителите, а најчесто мајките, не забораваат да го кажат токму тоа. Тоа не е само обична молба, туку тоа е симболично поставување на цел: Да стигнеш таму каде што си тргнал, и да им кажеш на тие што те сакаат дека си успеал.
Во таа реченица има љубов, има одговорност, има верба, но и скриена надеж. Во свет преполн со брзина, хаос и неизвесност, таа реченица некако нè потсетува на основното, а тоа е да ја завршиме секоја обврска со грижа, трпение и со мисла на тие што не чекаат на крајот.
Денес, живееме во свет на таргети, KPI-и, резултати и рокови. Без разлика дали работите во банка, продажба, маркетинг, осигурување, градежништво или како претприемач, секогаш имате дестинација, односно имате пат што мора да се изоди.
Во таа трка, често забораваме на суштината, дека некој нè чека, дека некој ни верува, дека успехот не е целосен додека не го споделиме. Затоа, „Јави се кога ќе стигнеш“ не е само израз на емоција, туку и повик за одговорност, дисциплина и исполнување.
Секој таргет, секој проект, секоја животна цел треба да има, планирана дестинација, внимание на патот и јавување кога целта ќе биде постигната, без изговори, туку со резултати.
Затоа, кога некој ви вели „Јави се кога ќе стигнеш“, размислете дека тоа е универзална порака. Важи и за патувања, и за работни таргети, и за животот. Тоа исто така е повик да не откажуваме по пат, да останеме посветени на целта и кога ќе стигнеме, да ја споделиме победата со тие што нè бодреле од почеток.
И не заборавајте, секоја победа вреди повеќе кога некој знае дека сте стигнале.
Затоа, следниот пат кога некој ќе ви ја каже таа реченица, не ја сфаќајте како навика која ќе ве изнервира. Разберете ја како љубовна порака, како потсетување дека некој ви е навистина важен и дека успехот не е целосен додека не го споделите со некој што се грижи.
С.Б.



