Летото е во полн ек, а македонските граѓани традиционално ги полнат граничните премини патувајќи во соседните земји и Европа. Но, и покрај најавите од надлежните институции, зелениот картон за возила и понатаму останува посебна, одвоена обврска која не е вклучена во полисата за автоодговорност.
Со години наназад беше најавувано дека зелениот картон ќе се интегрира со полисата за автоодговорност, со што автоматски ќе биде вклучен во процесот на осигурување на возилото, по пониска цена и без дополнителни административни чекори. Но, засега сеуште е тишина. Од Националното биро за осигурување и надлежните институции нема официјален став, ниту временска рамка за имплементација на оваа мерка.
Во меѓувреме, граѓаните кои патуваат во странство и понатаму мора самостојно да го побараат и купат зелениот картон, кој е задолжителен за патување со возило во сите европски земји, вклучително и соседните. Полисата може да се добие во сите осигурителни компании, брокерски друштва, агенти и подружници, а достапна е во две форми, како месечна варијанта, погодна за краткорочни патувања и годишна варијанта, која важи до истек на полисата за автоодговорност
Цената варира зависно од периодот и типот на возилото, но останува дополнителен трошок кој се чувствува особено кај семејствата што патуваат почесто во текот на летото.
Останува отворено прашањето Кога конечно зелениот картон ќе биде дел од едно интегрирано, едноставно и поевтино осигурување? Одговорот го чекаат илјадници возачи, а редакцијата на Денар ќе продолжи да ја следи темата и да бара одговор од институциите.
С.Б.



