„Зедов за мене и за братучед ми… и оп, казна. Немам ни фактура – само усно ми рече продавачката дека смеам да пренесам шест штеки преку граница“.
Ова е само еден од бројните случаи со кои се соочуваат македонските граѓани кои при враќање од Грција застануваат на фришоп пред граница за да се снабдат со цигари, но не се запознаени со деталите од царинските прописи.
Сè почесто, пушачите кои купуваат неколку штеки повеќе, уверени дека сè додека купуваат од фришоп, сѐ е легално, стануваат мета на контроли. А таму работите не се толку едноставни.
Колку е дозволено?
Според актуелната регулатива, македонските граѓани смеат да внесат до 200 цигари (една штека) без царински и акцизни давачки при влез во земјава, кога влегуваат преку копнена граница. И толку. Не две, не три, туку само една штека. Сè над ова – веќе се третира како непријавена стока и може да биде основа за прекршочна постапка.
„Луѓето грешат од непознавање. Мислат дека ако е купено во фришоп, автоматски не подлежи на никаква забрана“, вели за нашата редакција инспектор од Царинската управа, кој инсистира да остане анонимен.
Според него, фришоп продавниците, иако делуваат легално и се позиционирани на самата граница, не се carte blanche за неограничено снабдување.
„Тоа што некој продава 10 штеки, не значи дека смеете да ги внесете сите. Тие продаваат за различни категории патници – транзит, странци, луѓе кои патуваат со авион… Секој си има свои ограничувања“, појаснува тој.
Земав три штеки – што сега?
Сѐ зависи. Ако имате среќа, можеби ќе поминете само со усно предупредување. Но ако цариникот одлучи да постапи по правилникот, ви следува одземање на вишокот цигари, казна и можно запишување во системот за следна проверка.
„Патував со сопругата, купивме по една штека за секој, плус една за татко ми. Мислев дека сме во дозволениот лимит. Но ме казнија – не им беше важно што сме двајца во кола, бидејќи само јас ги носев сите три штеки“, раскажува Петар од Скопје, кој пред десетина дена се вратил од викенд во Калитеа.
Кој не го чита ситниот текст, плаќа дебело
Она што често останува незабележано е дека ограничувањата за внес важат без разлика од каде е купено, а доказот – фискална сметка или фактура – може да биде само олеснителна околност, но не и „помилување“.
„Ако носите пет штеки, а имате само една сметка – ќе ве прашаме за останатите. Ако немате одговор, тогаш тоа е шверц“, додава инспекторот.
Од Царинската управа апелираат граѓаните да не се потпираат на совети напишани по Фејсбук-групи, туку да ја проверуваат официјалната царинска веб-страница, каде редовно се објавуваат лимитите и дозволените количини по патник.
Б.З.М.



