Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска објави голема промена во државната политика за оризот, најавувајќи укинување на децениската стратегија за ограничено производство и преминување кон негово засилено зголемување. Причината се сè поизразените тешкотии на пазарот со недостиг на ориз и растечките цени, пренесува агенцијата Киодо.
Досега, Јапонија со години водеше политика на намалување на производството на ориз, стимулирајќи ги земјоделците да преминат на други култури со цел стабилизација на цените. На фармерите им се исплаќаа субвенции доколку не обработуваат оризови полиња, со цел контролирање на понудата. Но, актуелниот недостиг ја натера владата да ја преиспита оваа стратегија.
Како што потврдуваат владини извори, зголеменото побарување за ориз е поттикнато и од експлозијата на странски туризам, кој дополнително го оптоварил системот. Владата планира мерки за повторно активирање на запуштените земјоделски површини и отворање нови канали за продажба на оризот.
Паралелно со домашната потрошувачка, Токио има амбиции да го зголеми и извозот на јапонски ориз како дел од поширока стратегија за унапредување на агроиндустријата.
Минатото лето, недостигот на ориз доведе до панично купување и нагло зголемување на малопродажните цени. Владата тогаш интервенираше со ослободување на државните резерви од ориз, што делумно ја стабилизираше ситуацијата.
Иако неодамнешното пуштање на значителни количини државен ориз придонесе за благо намалување на цените од над 4.000 јени (околу 27 долари) за 5 килограми на 3.467 јени, тие и натаму се повисоки во споредба со истиот период минатата година.
Промената на политиката не ги радува сите. Дел од јапонските земјоделци веќе изразуваат загриженост дека прекумерната понуда може да предизвика нов пад на цените, што ќе го направи одгледувањето на оризот економски неисплатливо. Тие стравуваат дека постојаното поевтинување може да ја намали нивната мотивација и да предизвика уште подлабока криза во традиционалното производство.
Гувернерите на неколку префектури веќе предупредија на можноста за прекумерно снабдување и несоодветен пазарен притисок врз земјоделците.



