Виктор, келнер од Куманово, по третпат го пакува куферот за да тргне кон Хрватска на печалба. Вели, првиот пат тргнал со доза на нервоза, со малку пари, но и многу надеж. Не знаел точно што го чека таму, освен „добра плата“ и ветување дека сместувањето е обезбедено. Но реалноста, признава тој, честопати е сосема поинаква од ветувањата дадени пред тргнување.
„Кога дојдов првиот пат, очекував пристојно сместување, барем една соба со нормален кревет и туш. А добив нешто што не личи ни на соба, туку буквално шупа во која креветите беа наредени еден врз друг. Се снаоѓаш, мораш, друго чаре нема“, вели Виктор, па додава дека условите сепак варираат од место до место.
Тој е само еден од илјадниците Македонци кои секое лето заминуваат во Хрватска, привлечени од платите кои во Македонија звучат како џекпот, но не секогаш се на ниво на очекувањата откако ќе стигнат таму.
Најчесто барани се келнери, собарки, рецепционери и готвачи, а понудите преку агенциите во Скопје, Битола и Струмица неретко вклучуваат примамливи ветувања за „одлични услови“, „солидни бакшиши“ и „обезбедено сместување“.
Но, според сведоштвата на повеќемина кои го искусиле ваквиот живот, нештата во пракса се различни.
Ивана од Битола, 23-годишна девојка која веќе четврта сезона работи во хотел во близина на Макарска, ни открива една од посуровите вистини – таа и нејзините колеги често работат двојно повеќе од договореното, а плаќањето прекувремени часови ретко кога се почитува.
„Ќе ти речат – ‘тоа е сезонска работа, мора малку повеќе да се потрудиш’. Работиш по 14-15 часа, а немаш време ни да се напиеш кафе. Сѐ се сведува на тоа да заработиш што е можно повеќе пари за кратко време, ама некогаш и тоа што го добиваш не е доволно за она низ што поминуваш“, вели Ивана, која со доза иронија додава дека на крајот, кога ќе се врати во Македонија, се чувствува како „исцедена“.
Од друга страна, Томе, 35-годишен готвач од Скопје, не гледа само негативно на ова искуство. Според него, оние кои се снаодливи и знаат да си ги бараат правата можат пристојно да заработат.
„Ако си паметен и малку ‘безобразен’, ќе им кажеш: ‘Добро, не сум дојден тука да ме газите за ништо’. Ќе си бараш подобри услови, а бакшишот од гостите, ако си добар, навистина може да те спаси“, додава тој со насмевка. Вели дека самиот заработил над 2.000 евра месечно лани во Истра, но признава дека тоа не било ни малку лесно.
Ама има и една друга работа, која многумина ја забораваат кога заминуваат.
„На крајот, кога ќе ти дојде некоја вечер и ќе седнеш уморен, а мислите ти летаат дома, ќе се прашаш: дали вредеше ова за тие неколку илјади евра? Да, ќе се вратиш со пари, ама и ќе изгубиш нерви и здравје. Некогаш ти е мачно, сакаш само да се спакуваш и да…“, реченицата ја прекинува Виктор, одмавнувајќи со главата.
Б.З.М.



