Атомскиот напад врз Хирошима го промени текот на човештвото засекогаш.
На овој ден, 6 август 1945 година, светот влезе во ерата на нуклеарно оружје. Тоа утро, точно во 8:15 часот по локално време, американскиот бомбардер Енола Геј фрли атомска бомба врз Хирошима, предизвикувајќи уништување од невидени размери.
Според првите проценки, 78.000 луѓе починале веднаш, додека ефектите од зрачењето биле почувствувани децении подоцна. До 1950 година, вкупниот број на жртви се искачил на околу 250.000, според официјалните бројки од јапонските власти.
Бомбата експлодирала на висина од 580 метри над градот, уништувајќи сè во радиус од 1,6 километри. Пожарот зафатил 11 квадратни километри, а дури 69% од зградите биле срамнети со земја. Проценките велат дека во тоа време во Хирошима живееле до 350.000 луѓе.
Три дена подоцна, на 9 август, беше бомбардиран и Нагасаки, што беше последен сигнал за капитулација. Јапонија објави капитулација на 15 август, а Втората светска војна официјално заврши на 2 септември 1945 година.
Пред бомбардирањето, Американците проценија дека инвазијата на Јапонија ќе одземе помеѓу 1,7 и 4 милиони животи на сојузниците и 10 до 20 милиони Јапонци. Затоа, иако морално сомнителна, употребата на атомската бомба беше оценета како „најбрзиот начин за завршување на војната“.
Проектот за создавање нуклеарно оружје, познат како Проект Менхетен, траеше со години и чинеше 27 милијарди долари во денешни долари. Главен научник беше Џ. Роберт Опенхајмер, додека воената команда ја држеше полковникот Пол Тибетс.
Интересно е што Кјото беше планирана цел, но беше отстранета од листата поради неговото културно значење. Наместо тоа, целта стана Хирошима, поради нејзината воена индустрија и стратешка важност.
Децении подоцна, приказните на преживеаните и бројот на жртви остануваат мрачен потсетник на денот кога светот стана свесен за деструктивната моќ на нуклеарната енергија.



