ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕТуристичкиот компас се врти - егзотиката станува новото нормално

Туристичкиот компас се врти – егзотиката станува новото нормално

До пред неколку години, кога ќе прашавте просечен Македонец каде ќе оди на одмор, одговорот беше речиси рефлексен: „Кај комшиите“.

Паралија, Калитеа, Ханиоти, евентуално Будва или Сутоморе – дестинации кои беа бирани по навика. Но денес? Денес тие прашања почнуваат да добиваат сосема поинакви одговори: „Тајланд“, „Занзибар“, „на Малдиви ќе се шетаме оваа година“…

Се чини, нешто тивко, но суштински, се менува.
И не е веќе само тренд на богатите.

„Клиентите сè повеќе сакаат авантура. Не им е доволна само плажа и гиро. Бараат нови искуства, други култури, нешто што ќе ги разбуди“, вели за Денар, Милан Јовановски, туристички работник од Скопје.

Според него, летовите до далечни дестинации сега се попристапни од кога било, а младите се први што се осмелуваат да излезат надвор од комфорната зона на Балканот.

Инстаграм генерација и пасошот в џеб

Кога ќе прелистате македонски Инстаграм во лето, ќе видите повеќе кокосови ореви од Кох Самуи отколку сувенири од Солун. Овој пресврт не е случаен.

Социјалните мрежи создадоа нова логика – ако местото не е „инстаграмабилно“, речиси не вреди да се оди. Притоа, сè повеќе агенции нудат пакет-аранжмани со рати, па не е реткост да видите келнерка или ИТ студент на сафари во Кенија или на рикша во Њу Делхи.

„Порано се мислевме за викенд во Охрид. Сега? Со неколку рати по 150 евра, си леташ за Занзибар“, раскажува Мартин, 32-годишен вработен во call-центар кој летово патуваше во Индонезија.

Враќањето со приказни

Покрај класичните „море и сонце“, сè поголем број патници бараат културен шок. Храмови, зачини, насмевки на улица – искуства што остануваат. Егзотиката веќе не е ексклузивна привилегија, туку е еден клик подалеку.

„Се вратив од Куба. Тие нивни танци, стари коли, духот на времето…“, вели Билјана, медицинска сестра од Скопје.

Меѓу најбараните дестинации сезонава се Тајланд, Бали, Малдиви, Индија, Куба, Кенија, Мароко па дури и Перу. Парадоксално, иако тие патувања се пооддалечени, за многумина стануваат „поприфатливи“, дури и економски оправдани.

Зошто? Затоа што „летување“ веќе не значи само „да се изгориш на плажа“, туку да се изгубиш некаде каде што никој не те познава.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП