Има нешто мошне наивно во начинот на кој летуваме. Доаѓаме на плажа, поставуваме пешкир, јадеме лубеница, читаме книга — и сето тоа делува како совршен кадар за разгледница.
А потоа, токму кога ќе посакаме да се разладиме во морето, ние упорно веруваме дека паричникот, часовникот и телефонот, ќе нè чекаат под истот тој пешкир.
„За три минути ми украдоа сè – телефонот, парите и наочарите. Не ни забележав. Само што се вратив од вода, а торбата веќе ми беше празна“, раскажува Слаѓана Митревска од Скопје, која неодамна летувала во Неа Пори. Не е единствена.
Невидливиот ловец
Кражбите на плажа не се новост, ама ова лето, според пријавите до грчките локални власти, бројот на инциденти е зголемен.
Крадците знаат точно што бараат — мобилни телефони, паричници, слушалки, ланчиња. Не се интересираат за шишиња со вода или книги. Работат брзо, дискретно, и често во парови.
„Има таканаречени ‘набљудувачи’ што цело време седат во близина, се преправаат дека читаат книга, а всушност внимаваат кој кога станува, колку време останува во вода, каде го чува телефонот. Тоа не се импровизирани џепчии, туку добро организирани групи,“ ни изјави припадник на грчката крајбрежна полиција. „Штом го исклучат телефонот и му сменат СИМ-карта, готово“, вели полицаецот.
Како да се заштитите?
Постојат неколку едноставни совети кои туристите често ги игнорираат. Не ги оставајте вредните работи на плажа без надзор.
Ако сте сами, побарајте некој во близина (мајка со дете, повозрасен пар) и замолете да ви припазат.
Носете водоотпорна футрола и земете го телефонот со себе во вода – денес тоа веќе не изгледа чудно.
„Или, најдете си сеф за на плажа“, вели Благојче Темелковски, туристички водич од Скопје. „Се продаваат мали водоотпорни кутии кои се закопуваат во песок или се закачуваат за лежалка. Можеби изгледа параноично, ама е поевтино од нов телефон“.
Б.З.М.



